Џафери не ја повлекува ќерката од ЕЛЕМ

69

-Не е ред партиите или поединците да одлучуваат, има комисија надлежна за прашања поврзани со непотизам и судир на интереси, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, чија ќерка е вработена во ЕЛЕМ. Првиот парламентарец го игнорира повикот на премиерот Заев за повлекување на роднините и блиските членови на семејствата на функционерите вработени во државни институции. На брифинг со новинарите Џафери го цитираше членот 9 од Уставот, каде што стои: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.
Пред неполн месец антикорупциската комисија по допрен глас отвори предмети за 18 лица, роднини на функционери што се вработиле во државни институции, а меѓу кои е и ќерката на собранискиот спикер, Бесија Џафери, вработена во ЕЛЕМ. При изборот на новиот состав на ДКСК во јавноста се отвори и прашањето за релацијата на Џафери со еден од членовите, Нури Бајрами, со кого е баџанак, но комисијата едногласно одлучи дека во случајот нема судир на интереси.