Џафери не фрли лопата, само ја гледаше канализацијата во Боговиње

Предизборието им ги скрати омилените алатки на функционерите за привлекување гласови на сопственото конто. Согласно со Изборниот законик, од изминатиот викенд, па сè до завршувањето на изборите, е забрането да се фрлаат лопати, да се сечат ленти и да се вработува во државните институции. Исто така, во текот на кампањата, функционерите не смеат да се развозуваат по митинзи и граѓански собири со скапите службени автомобили и да ги користат канцелариите со кои располагаат, надвор од потребите на институцијата. Во таа насока, и техничкиот премиер, Талат Џафери, кој треба да биде пример за другите функционери, вчера одлучи да се појави на два настана, каде што не фрлаше лопати, ниту сечеше ленти. Џафери само вршеше увид во градењето на канализациската мрежа во Боговиње и увид на патот во Палчиште

68

Предизборието им ги скрати омилените алатки на функционерите за привлекување гласови на сопственото конто. Согласно со Изборниот законик, од изминатиот викенд, па сè до завршувањето на изборите, е забрането да се фрлаат лопати, да се сечат ленти и да се вработува во државните институции. Исто така, во текот на кампањата, функционерите не смеат да се развозуваат по митинзи и граѓански собири со скапите службени автомобили и да ги користат канцелариите со кои располагаат, надвор од потребите на институцијата. Во спротивно, ќе добијат претставка или укор од антикорупционерите, како и од својата колешка, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, која, пред извесно време, испрати отворено писмо до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, да не ги злоупотребуваат државните ресурси и капацитети во текот на политичката кампања. Во таа насока, и техничкиот премиер, Талат Џафери, кој треба да биде пример за другите функционери, вчера одлучи да се појави на два настана, каде што не фрлаше лопати, ниту сечеше ленти. Џафери само вршеше увид во градењето на канализациската мрежа во Боговиње и увид на патот во Палчиште.

– Ве известуваме дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на 18.3.2024 година (понеделник), ќе ја посети Општина Боговиње. Премиерот Џафери во 13:30 часот ќе присуствува на увид во градежните активности на канализациската мрежа во Боговиње. Во 14:00 часот, премиерот Џафери ќе присуствува на увид на патот во Палчиште – соопштија од Кабинетот на Џафери во најавата.

Во одговор на новинарско прашање за злоупотреба на службени возила за партиски цели, Џафери рече дека прописите се јасни за ограничувањата за функционерите при користење ресурси.

 -Прописите се јасни за секој носител на јавна функција по однос на користењето, односно ограничувањето за користење на ресурсите. Изборниот законик, измените, член 8а, 8б соодветно пропишува во кои ситуации какви ограничувања има за да поставите прашање, рече техничкиот премиер.

Токму од Џафери, како што истакна вицепремиерката Грковска, се чека да одлучи, согласно со Етичкиот кодекс, каква мерка ќе му изрече на Артан Груби, кој има две опомени за неоправдано користење службено возило. Грковска смета дека функционерите треба да се казнуваат со закон, а не опомената да биде единствената алатка. Сепак, вели таа, и со опомените за користењето службени возила има видлива промена кај функционерите што се опоменати и тие сега се јавувале во нејзиниот кабинет за да се консултираат дали би го прекршиле Кодексот доколку постапат некако. Желба за корекција нема само кај Груби.

– Тие промени се видливи. Сакам да укажам на тоа дека само за еден случај, само за случајот Артан Груби, сме дошле до ситуација, по две опомени поради непостапување, да пратиме допис до премиерот, кој треба, според Етичкиот кодекс, да одлучи која е мерката што ќе ја изрече. И повторно ќе кажам, треба да се најде законско решение. Ние почнавме да работиме на законско решение со кое ќе ги врземе санкциите од Етичкиот кодекс со некакви законски норми, врз основа на кои би можело да има и некакви други санкции, прекршочни или од друг карактер, за да не бидеме доведени во ситуација само да опоменуваме, особено кога за некого и опомените не се доволни – изјави Грковска.

На прашањето дали ќе поведат постапка по допрен глас за политичарите кои со службени возила се потпишувале за претседателските кандидати, вицепрмеиерката рече дека кога има докази дека е прекршен Етичкиот кодекс,  постапено е, а досега не добила докази за ова прашање.

– Досега не сме добиле фактичка состојба да видиме со аргумент дека е тоа така. Знаете дека и досега, секогаш кога сме имале аргументи и доказ што укажува на тоа дека е прекршен Етичкиот кодекс, сме постапиле, без разлика на тоа за кого станува збор. Така ќе биде и во овој случај. И токму како предупредување испративме, пред извесно време, отворено писмо до јавноста, до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, дека треба да водат сметка за јасно разграничување на партиските и на државните активности и да нема злоупотреба на државните ресурси и капацитети во текот на политичка кампања – изјави Грковска.

Според Изборниот законик, постојат предизборни ограничувања за функционерите, јавните претпријатија и за буџетските трошења и „во периодот од 20 дена пред започнување на изборната кампања, сè до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Под забрана за одржување јавни настани не се подразбира давање јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање“. Исто така, не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работниот однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Функционерите не смеат да ги користат службените автомобили за партиски и за приватни цели и затоа на веб-сајтот на Антикорупциска има регистар на сите службени возила, кои може да се пребаруваат по регистарската табличка и граѓаните и корупционерите ќе може да ги контролираат дали се возат со сопствен или со службен автомобил.

Според роковникот што го усвои ДИК, изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите, така што за претседателските избори започнува на 4 април и ќе трае до 22 април, додека кампањата за парламентарните избори ќе биде од 18 април до 6 мај.