Платите треба да продолжат да растат оти последните зголемувања на цените на храната и парното веќе го изедоа зголемувањето на септемвриската плата за 10 отсто. Освен во јавниот сектор потребно е зголемување на платите и во приватниот сектор. Од Сојузот на синдикати за весникот ВЕЧЕР изјавија дека ќе се залагаат за зголемување и на платите во приватниот сектор кој го полни буџетот на државата и од кој зависат и платите во приватниот сектор. Оттаму велат дека се свесни за ситуацијата во државата, но исто така се свесни дека функционерите воопшто не покажале срам од тоа што со месеци земаат плати повисоки за 78 отсто.
-Платите во приватниот сектор треба да бидат повисоки имајќи предвид дека приватниот сектор е двигател на економијата и на БДП и го полни буџетот на државата од кој плата зема и јавниот сектор. Ние како единствен рамноправен партнер на Владата ќе се бориме растот на платите да биде усогласена со инфлацијата, а не да гледаме кој зема 50, 60, 70 илјади плата. За нас како ССМ сосема е оправдано продавачи во маркети да земаат плата од 40 илјади денари. Веќе не треба да се гледа висината на платата туку што може да се купи за таа плата. Важно е да се зачува куповната моќ на работниците, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски.
Според него, во приватниот сектор не треба да се гледа само степенот на образование туку тежината на работата, степенот на ризик итн. кои се показатели за тоа дали висината на платата е оправдана или не. Така на пример новинарите треба да земаат 60 илјади денари плати. Исто така повисоки плати треба да земаат и здравствените работници, полицајците…
-Не е во ред медицинските сестри да земаат минимална плата, а припадниците на полицијата да земаат плати, кои се и под минималната, а се професија со висок ризик. И работниците во образованието исто така се помеѓу минимална и просечна плата, а голем дел од нив се со високо образование. Исто така потребно е зголемување на платите во повеќе дејности во приватниот сектор, градежни работници, агроиндустрија, текстилна, кожна индустрија…, смета Пешевски.
Тој додава дека инфлацијата однапред ги јаде зголемените плати. Платите цело време ги бркаат зголемените плати. Џабе имате 60 илјади плата ако леб и млеко чинат 100 денари.
И економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека за да живеат подобро граѓаните не им требаат мерки, туку повисоки плати.
– Најважното што, според мене, треба да сфати Владата е дека единствен начин за да се подобри животниот стандард на луѓето во оваа криза на поскапувања е преку зголемување на платите. Цените нема никогаш да се вратат на нивото од пред две години, единствено што може е платите да пораснат доволно за да се врати куповната моќ на тоа исто ниво. Граѓаните мора постојано да бараат покачување на платите и на пензиите, а Владата мора да покаже разбирање за барањата. И како што можеше да ги зголеми своите плати за 78 отсто, истото може да го направи и за другите – изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.
Барањата за повисоки плати на работниците станаа погласни откако функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.
(А.С.)