Џабе замрзнати маржи, цените ќе растат, горивата за две недели се качија за 12 денари за литар

Од производствените компании најавуваат ново зголемување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи цените на горивата за две недели се качија за 12 денари за литар. Од компаниите велат дека несериозно е да се очекува намалување на цените на основните производи во услови кога сè е поскапено, а компаниите се пред затворање. Од почетокот на годината затворени се околу четири илјади компании, а 90 илјади работници не примиле плата минатиот месец

701

И покрај тоа што Владата повторно ги замрзна маржите, нема да се спасиме од ценовен шок. Од производствените компании најавуваат ново зголемување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи цените на горивата за две недели се качија за 12 денари за литар. Од компаниите велат дека несериозно е да се очекува намалување на цените на основните производи во услови кога сè е поскапено, а компаниите се пред затворање. Од почетокот на годината затворени се околу четири илјади компании, а 90 илјади работници не примиле плата минатиот месец.

Граѓаните, пак, кои велат дека од почетокот на јуни, кога драстично се зголемија, досега нема намалување на цените, а не очекуваат ни дека ќе има. Еднаш веќе Владата донесе ваква мерка, која не се покажа како многу успешна, бидејќи и покрај замрзнатите маржи, цените секојдневно растеа.

И економистите новите антикризни мерки за ограничување на маржите во трговијата ги оценија како краткорочни мерки кои нема да дадат конкретни резултати. Велат дека инфлацијата нема да се стабилизира повторно со исти мерки кои и првиот пат не го зауздаа порастот на цените.

Од компаниите бараа активирање на стоковните резерви, намалување на банкарските провизии на банките, забрана за извоз на домашни житни култури до 30 декември, субвенционирање на струјата за индустријата, откажување на дел од акцизата за нафтени деривати…

-Пред да се донесе одлуката за замрзнување на маржите, баравме од Министерството за економија да се донесат субвенции за електрична енергија, нафта и гас со што директно ќе се помогнат компаниите за да нема понатамошен раст на цените. Но, сè уште не добивме одговор. Поради новото покачување на нафтените деривати, кои од 1 јуни досега се зголемени за 12 денари за литар и покрај замрзнатите маржи ќе мора повторно да ги зголемиме цените за да опстанеме, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарска индустрија при Стопанска комора на Македонија.

Според него, маржите ќе имаат ефект само кај оние производи кај кој вештачки се зголемени маржите, а тоа не се овие производи што се опфатени со одлуката на  Владата.

-Цените на основните производи за кои се замрзнуваат маржите се реални. А производите на кои вештачки им се зголемени маржите, не се ни опфатени со одлуката на Владата. Треба да се намалат цените на оние производи на кои биле пресметани поголеми маржи од 10 или 5 отсто, зависи за кои производи, додава Малишиќ.

Од компаниите велат дека е несериозно да се очекува намалување на цените на основните производи во услови кога сè е поскапено, а компаниите се пред затворање.

-Нормално е цените да растат, бидејќи немаме друга опција освен да ги затвораме фирмите. Мерката за ограничени маржи не даде некој поголем ефект бидејќи во суштина не ги промени многу работите. Кој ќе произведува ако не може да ги покрие трошоците? Фирмите веќе немаат профит, а немаат ни пари да исплатат плати. Тие се на банкарски кредити, се задолжуваат каде што ќе стигнат, вели Горан Георгиевски, претседател на Агробизнис комора при ССК.

Од Агробизнис комората бараат итно активирање на стоковните резерви за да му се помогне на бизнисот, да се стават во функција сите електрани за производство на струја, а помалите фирми да се префрлат на регулиран пазар за да имаат пониски трошоци за струја.

Во Србија цената на струјата за индустријата е фиксирана од лани од ноември. Компаниите струјата ја плаќаат по 75 евра за мегават-час поради што нивните производи се поевтини и поконкурентни од домашните. Исто така основните суровини, брашно, зејтин, шеќер се со цени гарантирани од страна на државата.

Сепак и покрај ваквите аргументи од бизнисот и граѓаните од Владата велат дека  замрзнатите маржи веднаш дале резултати. Цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто. Корекција на ќе продолжи и во наредните денови, а најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука.

 (А.С.)