Целата земја го прослави неговиот спортски успех бидејќи беше првиот олимписки шампион од таа земја, но сега е на насловните страници во светските медиуми поради – морничава работа.
Имено, првиот олимписки златен медал за Тајланд, од Игрите во Атланта во 1996 година, го доби боксерот Сомрак Камсинг, кој денес е осуден на три години и 40 дена затвор, поради обид за силување на 17-годишно девојче во 2023 година!
Нападот се случил откако двајцата се сретнале во бар во Кон Каен. Оттаму Камсинг со мотоцикл ја однел тинејџерката во најблискиот хотел, каде што физички ја нападнал.
Овој поранешен кандидат за пратеник во неговата родна провинција (Кон Каен) се обидел да го искористи својот статус на славна личност за да се спаси по неговото апсење во 2023 година.
- Јас сум златен олимписки медалист, дефинитивно никого не сум силувал, порача пред повеќе од една година во видеообјава на Фејсбук.
Покрај тоа, тој негираше дека воопшто знаел колку години има девојчето и цело време тврдеше дека таа му дала согласност.
Судот го одбил секое од овие барања, а како што пишува „Бангкок пост“, тужбата била поткрепена со медицински наоди (модринки на повеќе места, вклучително и во близина на меѓуножјето), како и снимки од безбедносните камери и „посредни докази“.
Судењето покажа дека „присуството на жртвата во хотелот само по себе не е доказ за согласност за интимен чин“.