Ќе успее ли обидот од сиромаштијата и климатските промени да се спасиме преку данок за 2.800-те најбогати луѓе во светот

206

Борбата против сиромаштијата и гладот во светот, реформа на глобалните институции, борбата против климатските промени, но и конфликтите во Украина и појасот Газа се темите ставени на маса пред лидерите на 20. најбогати држави во светот на дводневниот самит на Г-20 што почна вчера во Рио де Жанеиро.

Одлуки на овие теми ќе носат земји кои учествуваат со 85 отсто во светскиот БДП, а и вложуваат најмногу пари во борбата против климатските промени, со оглед на тоа што испуштаат повеќе од три четвртини од стакленичките гасови.

Еден од плановите е средствата за намалување на сиромаштијата и за борба против климатските промени да се обезбедат преку дополнително оданочување на најбогатите луѓе во светот. Според листата на магазинот „Форбс“ во светот има околу 2.800 милијардери, но воведувањето на овој специјален данок за нив би било можно само ако на самитот во Рио се постигне консензус околу тоа. Данокот за најбогатите во светот на самитот го предлага Владата на земјата домаќин, Бразил, заедно со Франција, Шпанија и Јужна Африка. Меѓутоа, Долниот дом на бразилскиот Парламент минатиот месец ги отфрли тие планови кога се во прашање најбогатите Бразилци. Како што објави „Дојче веле“, затоа, домаќинот на самитот, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, ќе се обиде да ги унапреди овие планови за милијардерите, кои често користат „дупки“ за да избегнат плаќање и на редовните даноци.

Планот за оданочување на најбогатите милијардери го осмисли францускиот економист Габриел Цукман и тој предвидува воведување годишен данок од два отсто на вкупните нето средства на екстремно богатите поединци, а не само на нивните годишни приходи. Пресметките би вклучувале недвижен имот, акции и други инвестиции. Според овој план, може да се соберат до 250 милијарди долари годишно од речиси 2.800. милијардери низ светот, чие комбинирано нето-богатство се проценува на околу 13,5 трилиони долари.

Сепак, овој план на претседателот Лула може да падне во сенка бидејќи геополитичките прашања имаат приоритет.

Планетата тоне, а вие не правите ништо за да ги ублажите климатските промени, порачаа домородните заедници на протест во заливот Ботафога, област во Рио де Жанеиро, вчера пред почетокот на дводневниот самит на Г 20. Тие направија и илустрација на кој главите на најистакнатите лидери на Групата ѕиркаат од вода.