Она на што прилепските актери укажуваа во изминатите децении се исклучително лошите услови во објектот каде што се одржуваа претставите, па освен глувци, и протекување, како проблем се наведуваа и испукани ѕидови, провев, мувла, несоодветно греење и немање на просторни услови за нормално функционирање. На крајот од годинашното 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ и македонските театарџии упатија апел за нов театар во Прилеп
Несоодветните услови во кои актерите во Прилепскиот театар со децении создаваат врвни претстави кои се наградувани на сцените не само во државата, туку и во странство, конечно би требало да станат минато. Како што велат од Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, веќе е добиен и проект за нов театар, чија реализација се очекува наредната година кога надлежните Министерства за транспорт и врски и за култура треба да дадат амин за негова изградба. Од едното се чека одобрение за градба, а од другото финансиски средства.
Она на што прилепските актери укажуваа во изминатите децении се исклучително лошите услови во објектот каде што се одржуваа претставите, па освен глувци, и протекување, како проблем се наведуваа и испукани ѕидови, провев, мувла, несоодветно греење и немање на просторни услови за нормално функционирање.
На крајот од годинашното 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ и македонските театарџии упатија апел за нов театар во Прилеп.
„На Прилеп му треба театарска зграда! Да не дозволиме материјалното да му го заземе местото на духовното, да не дозволиме излишните луѓе да ги истиснат и да им го заземат местото на оние што му требаат на секое општество“ – порача и Зоја Бузалковска, професорка и театарска режисерка.
Тогаш беше посочено дека цел град посакува нов театар, затоа што во Прилеп се одржуваат и театарските игри „Војдан Чернодрински, и покрај тоа што постојат проблеми поврзани со сцената, техниката, изведување на претставите…
„Проектантите неодамна го завршија проектот и Центарот за култура ‘Марко Цепенков’ располага со комплетна ревидирана проектна документација од проектот за реконструкција со доградба и надградба на објектот, наменет за обезбедување простор за потребите на театарот. Всушност, станува збор за два одделни проекта по барање на Министерството за транспорт и врски: еден е за реконструкција на постојниот објект на Центарот, а другиот е за доградба и надградба на постојниот објект“, изјави деновиве Марија Попова-Јованоска, в.д. директорка на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Реконструкцијата се однесува на содржинско збогатување и функционално редефинирање на просторот како и подобрување на постојната физичка состојба на просторот и замена на дотраените материјали и техничка опрема, а доградбата и надградбата на обезбедување целосно нов простор за потребите на театарот во рамките на Центарот за култура.
Театарот е предвиден да ги опфати просторните делови од сегашното кино „Мис Стон“, од „Арт кафулето“ и дел од ликовната галерија.
„Предвидената реконструкција и доградба со надградбата ќе дејствуваат како една содржинска целина, со можност за работа како самостојни целини во иднина. За овие два проекти веќе се обративме до Министерството за култура и туризам и побаравме да обезбеди финансиски средства за реализација и да ги одобри во годишната програма за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2025 година, рече Марија Попова-Јованоска.
Инаку, според проектантите, за изградба на театарот ќе бидат потребни околу 18.000.000 евра, а за реконструкција на Центарот за култура околу 9.000.000 евра.
Проектант е Друштвото за производство, промет и услуги Архиум Љупчо ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, а ревидент е Друштвото за проектирање и инженеринг Хидро градежен инженеринг Скопје.