Ќе стане ли недела работен ден за сите? Деновиве повторно се актуализира прашањето за недела неработен ден, а ќе биде тема и на следната седница на Економско-социјалниот совет. Од власта велат дека не се планира укинување на концептот „недела неработен ден“, но се разгледуваат можности за ослободување на одредени дејности од ова правило. Ова прашање предизвикува различни ставови меѓу власта, коморите, синдикатите и работодавците. Работодавците сметаат дека има простор за промена на Законот и нивниот став е дека треба да работат дел од дејностите во текот на неделите, додека синдикатите цврсто остануваат на своето: дека не смее да се чепка законското решение. Дел од коморите бараат целосно укинување, а власта е на став дека треба да им се дозволи уште на неколку дејности да работат во недела.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека планот е да се слушне мислењето на работниците и на работодавците околу ова прашање. Според него, практиката на селективност од претходната Влада треба да се замени со јасни правила: или никој да не работи во недела или сите што постигнале договор со работодавците за двојна или за тројна дневница, да имаат право да работат.
– Имам лична дилема околу тоа. И денеска, недела е неработен ден. Еве вие, новинарите, ако има настани во недела, ги следите, значи работите. Според тоа, лага е дека е недела неработен ден. Вака како што е направен Законот, со квадратура на површини и дејности и не се сите еднакво вреднувани. Така што, или никој да не работи како во некои градови во централна Европа, каде што сè се затвора во сабота попладне, а се отвора во понеделник наутро, освен за некои итната служба, или ќе се остави можност да се работи во недела со одредена дневница – рече Мицкоски.
Тој додаде дека треба да се има предвид состојбата во земјата, а не да се следат богатите европски метрополи.
– Или ништо да не работи ако мислиме дека сме толку богата држава или, пак, да се остави можност да се работи, а работодавците да бидат обврзани да им даваат двојна тројна дневница на сите оние што ќе сакаат да работат во недела и да заработат. Но, ќе ја отвориме оваа тема на следниот Економско-социјален совет – рече Мицкоски.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, претходно истакна дека е неопходно да се направат измени што ќе овозможат одредени сектори да работат во недела, без целосно укинување на недела неработен ден.
Од Организацијата на работодавачи велат дека уште кога се носеле законските измени, реагирале оти ќе се направат пропусти. Оттаму сметаат дека не треба да се ограничуваат дејностите, работниците соодветно да се платат, а трудовите инспектори засилено да контролираат.
– Работниците сакаат да работат во недела ако им се плати тоа и ако се обезбеди друг ден во неделата како неработен. Во одредени дејности, да речеме во млекопроизводството, се остави да може да се земе само прибирањето на млекото од земјоделците, но не и да се преработува тоа млеко, што им направи дополнителни проблеми, затоа што оние од преработката сакаа и тие да работат во недела, затоа што сакаат да земат зголемена дневница – изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Ваквите најави наидоа на критика од СДСМ, чиј лидер, Венко Филипче, смета дека тоа би било „понижување на работниците“.
– Политика што е на барање на големите трговци и на големиот бизнис. Едно стекнато право, кое го добија работниците по повеќедецениска борба – да ја поминат неделата со своите семејства, сега Владата планира да го укине. Прво, во некои сектори, а понатаму, се разбира, и во сите – рече Филипче.
Синдикатите, пак, бараат во недела да не работи никој, оти ниту една анализа не покажала никаква оправданост. Според ССМ, сега во недела работат 30 илјади работници, а одмораат 500 илјади.
– Ако остане на ставот недела да биде неработен ден за сите работници во Македонија, Владата ќе исправи една голема неправда нанесена во 2022 година, кога на мала врата се протурка да работат моловите, не гледаме ниту економска оправданост, ниту каква било оправданост да работат тие во недела. На работниците некогаш им е попотребно слободното време со нивните семејства отколку дополнителна дневница – изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Прогласувањето на недела како ден за неделен одмор беше оспорено пред Уставниот суд, од Стопанската комора. Уставните судии ја отфрлија иницијативата со ставот дека наводите на бизнисмените се неосновани.
Овие прашања ќе продолжат да бидат тема на дискусија во наредните месеци, со цел да се најде решение што ќе ги задоволи интересите на сите засегнати страни.
(А.С.)