Ќе се финансираат проекти за воннаставни активности

83

Општина Центар финансиски ќе поддржи здруженија за реализација на проекти – воннаставни активности за ученици, наставници и родители во учебната 2023/2024 година во општинските основни училишта на Општина Центар-Скопје на тема: „Булинг (врсничко насилство) во основните училишта.

Право на учество на конкурсот имаат здруженија на граѓани и други организации од областа на образованието што ги исполнуваат условите на конкурсот.

За да учествуваат на конкурсот, подносителите на проектите/активностите треба да ги исполнуваат следниве услови и критериуми: здружението да е регистрирано на територија на град Скопје, претходно да реализирало проекти од оваа област и да може да го докаже тоа, со проектот да се опфатени сите општински основни училишта на територија на Општина Центар, проектните активности да се реализираат во периодот од август до декември 2023 година и да ги реализираат обучувачи – универзитетски професори од следниве области: доктор по социолошки науки (од областа на социологијата на општествени девијации), доктор по социјална работа и социјална политика, доктор по педагошки науки (од областа на методика на воспитна работа), доктор по специјална едукација и рехабилитација, доктор по безбедносни науки (од областа на кибербезбедност), доктор по психолошки науки (од областа на педагошка психологија и психологија на образование).

Исто така, обучувачите треба да имаат претходно искуство со обуки за булинг – врсничко насилство, а проектот да предвидува рамномерна старосна и родова застапеност. Треба да се достави и  финансиски план за потребните средства за реализација на проектот.

Пријавите треба да се пратат до Општина Центар-Скопје, улица „Михаил Цоков“ број 1, 1000 Скопје или да се поднесат во архивата на општината најдоцна до 15 часот на последниот ден од конкурсот.

Конкурсот ќе трае пет пет дена од денот на објавувањето, односно до 15.8.2023 година до 15 часот, а ќе биде објавен на интернет-страницата на Општина Центар-Скопје (www.opstinacentar.gov.mk).

Финансиската поддршка изнесува 200.000 денари, во рамките на предвидените средства во Програмата за образование и буџетот на Општината. Овој износ му се доделува на еден учесник и тој целосно треба да ги реализира проектните активности. Средствата се исплатуваат еднократно.