За таа цел, ќе биде формиран камп во Градскиот парк, спроти бараките на Град Скопје, а ќе се спасуваат хотелот „Сити парк“ и куќа до него, како и јужните трибини на стадионот. Ќе биде формиран и тријажен центар во кој ќе работат Црвениот крст и Службата за итна медицинска помош за прифаќање на повредените. – Станува збор за големо сценарио. Ќе учествуваат и по еден хеликоптер на АРМ и на полицијата, возила на Службата за итна помош, но и возила на приватни здравствени установи за да покажеме координираност меѓу државниот и приватниот сектор – потенцира Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Македонија
Црвениот крст на Македонија на 18 октомври ќе организира голема вежба за спасување во случај на земјотрес во која ќе бидат вклучени и државните институции поврзани со кризниот менаџмент, како што се МВР, министерствата за надворешни работи, за труд и социјална политика, Бригадата за противпожарна заштита, Службата за итна медицинска помош, како и претставници на Црвениот крст на седум странски држави.
– Ова е прва вежба од ваков формат, Црвениот крст да биде организатор, а државата да биде поддржувач. Вежбата е симулирање на спасување во случај на земјотрес, а поводот е 60 години од катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје на 26 јули 1963 година – објасни Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Македонија.
За таа цел, ќе биде формиран камп во Градскиот парк спроти бараките на Град Скопје, а ќе се спасуваат хотелот „Сити парк“ и куќа до него, како и јужните трибини на стадионот. Воедно, ќе биде формиран и тријажен центар во кој ќе работат Црвениот крст и Службата за итна медицинска помош за прифаќање на повредените.
– Станува збор за големо сценарио. Ќе учествуваат и по еден хеликоптер на АРМ и на полицијата, возила на Службата за итна помош, но и возила на приватни здравствени установи за да покажеме координираност меѓу државниот и приватниот сектор – потенцира Саити.
Тој додаде дека на овој начин елитен тим на Црвениот крст за прва помош ќе биде ставен во функција на системот на кризен менаџмент, односно Црвениот крст ќе ги понуди своите услуги и капацитети поврзани со првата помош и психолошката прва помош во функција на збогатување на системот на кризен менаџмент.
Воедно, како што најави Саити, на самата вежба ќе биде промовирана и националната Единица на Црвениот крст за прва помош.
(А.П.)