За реконструкција на старата киносала, во централното градско подрачје, Општина Виница ќе добие 14,5 милиони денари од Програмата за регионален развој, одлучи Советот на градоначалници од Источниот плански регион.
Ова е прв проект што Центарот за развој на регионот во овој мандатен состав ќе го финансира во Виница, а вкупната финансиска конструкција за реализација на градежните работи се планирана околу 20 милиони денари, во кои општинското кофинансирање ќе биде 20 отсто.
– Реконструкцијата на киносалата беше оценета како приоритетна меѓу 12 предложени проекти од девет општини, при што Виница ќе добие речиси половина од планираните 35,5 милиони денари од буџетот за 2020 година од Програмата за регионален развој. Со овој проект е предвидено санирање на постојните простории и додавање нови содржини што ќе ја дополнат и збогатат функцијата на целиот објект. Предмет на разработка се киносалата, влезното фоаје, како и решавање на покривната конструкција и изработка на нова фасада. Со одобрениот износ од буџетот на Регионот и со нашето финансиско учество, сметам дека ќе успееме да го промениме ликот на централното подрачје околу градскиот пазар – истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Киносалата во Виница, за чија реконструкција веќе има идејно-техничко решение, со децении не е во функција поради дотраеноста на зградата, а во објектот нема ниту соодветна електрична, водоводна и канализациска инсталација.
Освен Виница, пари од буџетот на Источниот плански регион за реализација на проекти добија и општините Штип и Македонска Каменица.