Ќе се пее „Ех, таа серенада 2024“ во Битола, на 11 јули 

232

Ова лето нешто порано, на 11 јули, ќе се одржи обновениот фестивал на македонска серенада, битолскиот „Ех, таа серенада“, за разлика од минатото, кога се одржуваше дури на 24 август. И како што прилега, локацијата е добриот, стар, културно-историски значаен Офицерски дом. Како што информираат од Културно- информативниот центар во Битола, кој воедно е и домаќин и организатор на фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“, повторно ќе има на репертоарот песни со трајни вредности.

Ќе има многу нови, убави, староградски песни на кои никој нема да остане рамнодушен, а меѓу кои се најдоа и „Да ми потрае денот“ (чиј автор на текст е Валентин Соклевски, а композитор Давор Нечак) и „Госпоѓа Марија“ (чиј комплетен автор е Петар Георгиев-Калица). Меѓу 16. композиции на автори од градот и од земјава се и песните „Дојди кај што цутат липите“, „Јас од мерак боледувам“, „Кажи, кажи Широк сокак“ и многу други. Избраните песни што ќе ги слушаме премиерно таа јулска ноќ,  ќе бидат наградени согласно со пропозициите на фестивалот. Сега-засега, сè уште не е комплетиран интерпретацискиот дел.

На сите им остана во сеќавање минатогодишниот фестивалски кам-бек на македонската музичка легенда, Драган Мијалковски, и тоа во натпреварувачкиот дел. Оваа година, Драган го слави својот златен јубилеј. Со огледа на таа прослава, тој е поканет, со задоволство, да пее на многубројни фестивали, но не да се натпреварува, туку да има свој концерт. Така беше и неодамна, на „Валандово фолк-фест“, па се очекува да биде така и на битолската „Серенада“, но и на претстојниот „Охрид фест“. Во исчекување на новите македонски серенади, на публиката ѝ останува да ги слуша оние од минатото лето, кои сè уште се вртат на програмите на нашите радио и ТВ-станици.   Д.М.