Ќе се задолжиме за да се раздолжиме, зелено светло за вториот дел од унгарскиот кредит

29

На поседната владина седница поминаа нови 500 милиони евра од Унгарија. Ќе бидат наменети за раздолжување на еврообврзницата земена од минатата влада. Се раздолжуваме од обврските кои ни се наследени, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

-По долги и напорни преговори на владина седница помина и вториот дел од унгарскиот кредит, вторите 500 милиони евра. Ние пред избори зборувавме за една милијарда. Кога ги обезбедивме првите 500 милиони бевме обвинувани дека биле само 500, каде се другите, а ние викавме бидете трпеливи, не сакаме уште од сега да ја истрошиме и оваа втора половина бидејќи ќе треба да плаќаме камата. Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега, затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница, нагласи Мицкоски.

Според него, ефектите од унгарската милијарда се повеќекратни.

-Со оваа една милијарда евра што ја ветивме, ние завршуваме три работи. Првата е дека се задолжуваме за да се раздолжиме и веќе следните влади кои и да се, нема да плаќаат еврообврзница, една ќе има помалку. Второ, трошиме за капитални инвестиции за општините, допираме до 250-300 илјади домаќинства. Трето, преку бизнис заедницата допираме до сите граѓани, вели Мицкоски.

За потсетување, еврообврзницата што стигнува за наплата на 25 јануари идната година, на меѓународниот пазар на капитал е издадена во 2018, во времето кога министер за финансии беше Драган Тевдовски. Се работеше за износ од 500 милиони евра наменет за покривање на буџетскиот дефицит и за отплата на претходните долгови од 2013, 2015… година. Таа еврообврзница имаше каматна стапка од 2,75 проценти. Која тогаш беше посочувана како историски најниска стапка, исто како што сега се прикажува каматата за унгарскиот кредит од 3,25 проценти.

-Кога денеска би излегле со нашиот кредитен рејтинг и ако споредиме држави со многу подобар кредитен рејтинг дека земаат еврообврзница со каматна стапка од 5%, тогаш ние не можеме да очекуваме еврообврзница пониска од 6%. А, сега добиваме заем од 3,25% што е пониско за 2,75% помалку од пазарната, смета премиерот.