Стари и нефункционални енергетски капацитети, несовесно и неодговорно работење во РЕК Битола, долг од 80 милиони евра во АД ЕСМ, ненаплатени побарувања, превработеност и недостиг на технички кадар се дел од недостатоците на енергетскиот систем, на кој укажа министерката за енергетика Сања Божиновска, на вчерашниот брифинг. Таа рече ќе се работи на зголемување на производството и на намалување на цената на електричната енергија која од 37 евра за мегават-час во 2017 година се качи на 133 евра за мегават-час. Ова е особено важно ако се има предвид дека само во последните три години сме дале 340 милиони евра за увоз на струја.
– Наследивме неповолни договори од минатото, големи долгови, неподготвени енергетски капацитети и други неповолни состојби кои успешно ги решаваме. Остануваме фокусирани на зголемување на домашното производство на електрична енергија и намалување на цената на електричната енергија која сега ЕСМ му ја дава на ЕВН Хоум по 62 евра за мегават-час, изјави Божиновска и додаде дека причината за високата цена на струјата е малото домашно производство, кое пак се должи на неквалитетниот јаглен кој се користел за производство и на старите енергетски капацитети.
Според министерката, со оглед на тоа дека повеќе електрична енергија ни треба во зима, а фотоволтаиците произведуваат повеќе струја во лето треба да се инвестира во батерии за складирање на електрична енергија. Исто така, како што рече треба да се стават во функција двете домашни лаборатории во РЕК Битола и во РЕК Осломеј за испитување на квалитетот на јагленот.
-Имаме идеја како Влада како да ја подобриме енергетската ефикасност само да ја поминеме зимата. Дел од државните установи кои не се профитни имаат огромни сметки за струја како Министерство за култура, Македонска филхармонија и други. Некои од нив не ни набавиле струја и се снабдувачи во краен случај. Поради тоа имаат огромни сметки, меѓутоа никој во овие установи не бил заинтересиран да најде начин како да се намалат сметките, изјави министерката.
Таа рече дека досега струјата која државата ја купува на ХУПЕК берзата заедно со маржите е многу висока.
-Веќе разговарав со Бирото за јавни набавки тоа да биде нашата македонска берза. Нема веќе четири маржи плус цената на унгарска берза. Ќе видиме да дадеме пакет на болници, градинки, училишта да им дадеме поприфатлив пакет со подобри цени, значи да не се оставени сами на отворен пазар и да зависат од цената на струјата на берзите. Ќе обидеме да бидеме посовесни кон нашите државни установи, кои не се профитни, рече Божиновска.
Во однос на гасификацијата таа рече дека првиот тендер за изградба на Интерконекторот со Грција беше неуспешен по што беше распишан нов. Најевтината понуда на новиот тендер е за 12 милиони евра поевтина, а со оглед на тоа дека ќе се земе најевтината понуда, најверојатно работата ќе ја добие домашната компанија од Куманово.
Во однос на ХЕЦ Чебрен рече дека и оваа влада не се откажува од изградбата на хидроцентралата Чебрен. Министерката Божиновска рече дека за овој проект на маса се седнати сите еминентни стручњаци од различни области. Нова студија нема да се прави, ќе се искористат постојните, а планот е државата да биде доминантен сопственик.
– Во ЕСМ постојат студии од 1960 година, а последната е од 2022 година. Професорите ги разгледаа сите студии. Ние не сакаме пак да правиме физибилити студија, тоа да ни одземе една година, или година ипол. Сакаме да направиме еден проект, за да видиме што може да се направи затоа што хидрологијата е подложна на климатските промени – рече Божиновска.
Таа посочи дека има заинтересирани странски инвеститори и дека веќе со нив се разговара.
– Ние сакаме тоа да биде државен проект, меѓутоа ќе видиме колку пари е тоа. Тоа се сериозни средства, но секако, ќе гледаме државата да биде доминантен сопственик. Треба да видиме колку ќе изнесува целиот проект и ќе направиме планови како понатаму да се финансира. Сигурно ќе биде над 600 милиони евра, или 700 милиони, а може да достигне и до една милијарда евра, потенцираше министерката.
Таа посочи и дека услов за странските инвеститори е да вклучат наши домашни фирми, но и наши локални експерт, затоа што ги имаме.
Таа се осврна и на раскинување на договорот на МЕПСО со „Енергоинвест“ далноводот кон Албанија. Далноводот беше најавен во 2015 година, а енергетското поврзување на Македонија и Албанија требаше да чини вкупно 50 милиони евра. Но, и по речиси десет години, од проектот нема ништо и тој е во целосен застој.
(А.С.)