Белгија на почетокот од идната година ќе почне со изградба на првиот вештачки енергетски остров во светот, со електрани на ветер за производство на високонапонска еднонасочна и наизменична струја, кој ќе биде поврзан со белгиската електрична мрежа и со интерконекции со Велика Британија и со Данска.
Како што соопшти операторот на проектот, компанијата „Елија“, белгискиот министер за правда Винсент ван Квикенборн веќе издал еколошка дозвола за изградба на островот наречен Принцеза Елизабет, кој ќе се наоѓа во заштитената морска област Натура 2000 во Северното Море.
Весникот „Ехо“ објави дека Белгија е на второто место во светот по производство на електрична енергија од офшор капацитет по глава на жител, веднаш зад Данска, при што белгиските електрани на ветер во Северното Море произведуваат 2,26 гигавати струја. Со новиот проект, се планира да се зголеми тоа производство до 3,5 гигавати електрична енергија.
Но, реализацијата на проектот зависеше од добивањето еколошка дозвола, бидејќи организациите за заштита на животната средина изразуваа загриженост дека изградбата на островот може да предизвика „потенцијална штета на биолошкиот диверзитет“.
Сепак, според „Елија“, при подготовката на дизајнот се водело смета и за животната средина и островот ќе биде изграден на начин што ќе нуди „вистински можности за морскиот биодиверзитет“.
Првите турбини на ветер на островот треба почнат со производство на струја во 2028 година, што, според Ван Квикенборн, ќе ѝ овозможи на Белгија да произведува повеќе зелена електрична енергија за своите домаќинства и бизниси.
Белгиската министерка за енергетика Тине ван дер Стратен оцени дека, при изградбата на островот, е важно е да се има предвид морскиот живот над и под водата. Засега не е позната точната сума потребна за изградба на енергетскиот остров, но според најновите проценки, како што објави „Ехо“, трошоците за реализација на проектот ќе достигнат над две милијарди евра. За реализација на проектот, ЕУ, во рамки на својот план за обнова и отпорност, издвои 99,7 милиони евра.