Древниот турски град Хасанкиф наскоро би можел буквално да потоне. И покрај меѓународните апели да се сопре проектот, градот би можел да биде потопен со вода од огромниот резервоар изграден за браната, пишува Раша тудеј.

За неколку месеци, градчето на брегот на реката Тигар можеби нема да постои, односно, ќе биде под вода. Причината е браната Илису, дел од Јужносеверниот проект Анадолија, од кој ќе се произведуваат 1.200 мегавати струја, а добивката за турската економија ќе биде околу 260 милиони долари годишно.

Градот е стар 12.000 години и е познат како „жив музеј“, а се наоѓа на брегот на реката Тигар, во турската провинција Батман. Неолитски пештери, карпи во карактеристрична боја на мед и минариња од 15 век, кои ги красат живописните улици на Хасанкиф на Тигар, наскоро засекогаш ќе исчезнат под вода.

Се проценува дека растечкото ниво на вода би можело да го загрози Хасанкоф веќе во октомври, а во април идната година, населеното место целосно ќе биде поплавено. Полнењето на резервоарот со повеќе од 10 милијарди кубици ќе почне наредната недела. Надлежните на стотици семејства им ветиле нови домови.

Дури 75 различни граѓански организации, од Турција и Ирак, ја повикаа Анкара да го откаже проектот. Покрај тоа што сериозно ќе го загрози снабдувањето со вода на големи ирачки градови, ќе му наштети и на културното наследство на земјата.

Истражувачи наведуваат дека Хасанкиф и околината се историски важни исто како Ефес, Троја и Кападокија, и дека исполнуваат девет од 10-те критериуми на листата на УНЕСКО за светско наследство.