Искористување на постојната железничка инфраструктура, во рамки на градот Скопје и околината, и нејзино ставање во функција на граѓаните како алтернативен начин за транспорт, е најновата идеја на новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски. Тој појасни дека не се работи за нова инвестиција или доградба на железничката мрежа, туку за искористување на постојната.

– Со новото раководство на ЈП МЖ-Инфраструктура, но и со новото раководство на ЈП МЖ – Транспорт, ќе иницирам да се направи детална физибилити студија за која што ќе дадам многу краток рок, нема да е повеќе од месец дена, колкав проток на патници може да има, кои се железничките станици кои веќе постојат, а не се во функција, дали треба да се изградат нови и кој би бил најекономичен, најефикасен, најевтин начин тие нови да се изведат, да бидат пристојни, достапни, а да не се скапи. Каква е состојбата на возовите во моментов, што треба да се направи за тие возови да се стават во функција и да можеме во еден релативно временски период. Не сакам да давам рокови, да излеземе со понуда на жителите на Скопје и останатите општините за т.н. градски воз којшто би можеле да го користат граѓаните на постојната инфраструктура – рече Николоски.

Тој посочи дека иако поминува пруга низ Драчево, таа не се користи.

– Јас сум убеден дека доколку има редовни возови кои се обраќаат во точно време, се чисти, се добро уредени внатре, не мора да се нешто екстра луксузни и цената на билетот е пристојна бројни граѓани ќе ја користат оваа опција затоа што за точно време ќе знаат за колку време стигаат од населбата Драчево до Центар. Со тоа ќе се намали сообраќајната гужва – рече Николоски.

Тој појасни дека оваа негова визија не е поврзана ниту со ЈСП Скопје, а ниту со Градот Скопје и скопските општини. Нагласи дека со користење на возот како превозно средство ќе му се помогне на железничкото претпријатие кое е во незавидна финансиска состојба

– Дали граѓаните ќе сакаат да го користат или не ќе видиме, но наше е да им ставиме сè на располагање. Јас сум убеден дека ќе го користат – рече Николоски.

Ваква идеја за расчистување на урбаниот метеж во главниот град со изградба на железнички краци околу Скопје имаше уште во 2018 година која беше најавена на меѓународната конференција на тема „Развој на урбаната мобилност за одржлив град и град во кој квалитетно се живее“, што се одржа во Скопје.

Планот предвидуваше изградба на четири железнички краци околу Скопје. Првиот крак да тргнува од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Пинтија, 11 Октомври и до центарот на Скопје  со должина од 24,5 километри. Вториот крак со должина од 18,7 километри и требаше да стартува од Миладиновци преку Илинден, Маџари до Скопје – Патничка, а од тука  да почне третиот крак кој би одел покрај Пивара, Железара, Скопје Север, Ѓорче Петров, Сарај до Радуша и да биде со должина од 32,6 километри. Четвртиот крак , според тогашниот план,  беше изградба на нова пруга од Миладиновци до Аеродром Петровец во должина до 5 километри.

(С.Бл.)