Ќе има ли кој да работи за пензионерите да земаат пензии?!

Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалидско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија. И експертите и стопанствениците стравуваат и се прашуваат како во иднина ќе се обезбеди работоспособно население за да се финансираат пензиите на пензионерите

144

Исплатата на пензиите претставува сериозен предизвик, имајќи го предвид буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување којшто во моментот изнесува над 600 милиони евра, како и трендот на зголемување на бројот на пензионери. Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалидско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија.

Според експертите што ги консултираше МИА, властите мора да преземат мерки со кои ќе се намали дефицитот во Фондот на ПИОМ, како што се зголемување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на платите, да се престане со праксата за ослободување на фирми од плаќање на придонеси, како и да се избегнуваат ад хок решенија поврзани со зголемување на пензиите.

Финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се врши по два основа – од придонеси и трансфери од Буџетот. Со реформата спроведена во 2019 и 2020 година придонесите годишно се зголемија за 0,4 проценти, односно од 18 проценти скокнаа на 18,8 проценти со што процентот на средства што доаѓаа од Буџетот се намали на 32,3 проценти.

Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека Фондот на ПИОМ ќе мора да се финансира со пари од централниот буџет уште долго време затоа што постојат структурни причини за тоа, но она што може да се направи е да се намали таа „дупка“, за тие пари што сега се даваат од централниот буџет за оваа цел, да се искористат за други работи како градење болници или други важни инфраструктурни проекти.

Посочува дека една од причините за „дупката“ во Фондот се и ад хок решенијата за зголемување на пензиите, но и пензиската реформа од 2006 година кога третина од придонесите за пензиско осигурување почнаа да се уплаќаат во приватните пензиски фондови, а пензиите продолжија да се исплаќаат само од државниот буџет. И постојаното намалување на стапките на придонесите и ослободувањето на разни фирми од придонеси, се причина за намалувањето на приходите на Фондот.

Најсериозен проблем, според него, е стареењето на населението.

Марјан Петрески, професор по економија на универзитетот „Американ колеџ“, вели дека со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која како што оценува, била блага, но значајна, се овозможило да се „прекрши“ дефицитот во ПИОМ, бидејќи во својот пик, некаде 2014-15 година, се доближил до 50 проценти од расходите на ПИОМ да се покриваат од централниот буџет.

И тој е на став дека населението забрзано старее поради намалените стапки на наталитет и масовната емиграција.

И од бизнис заедницата посочуваат дека со години наназад постои дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дека се потребни сериозни реформи на овој план.

Пензионерите кои во октомври го очекуваат најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари и го поздравуваат секое зголемување на пензиите, се согласни дека треба да се води сметка за финансиската стабилност на пензискиот фонд.

Очекувањата на новата Влада се дека изворните приходи на Фондот на ПИОМ ќе се зголемат со растот на платите и бројот на вработени.

За стопанствениците, позначајно прашање од износот на плати, во моментот е како во иднина ќе се обезбеди работоспособно население за да се финансираат пензиите на пензионерите.

Податоците на Фондот за ПИОМ покажуваат дека во јуни годинава пензија во државава примиле 341.146 лице. Од нив, корисници на семејна пензија се 74.336, на инвалидска 26.231, а на старосна 239.783. Просечната пензија изнесувала 21.241 денар и е под 60 проценти од износот на нето-платата 41.252 денари. Кај семејните пензии просечниот износ на примањата на пензионерите е 16.709 денари, кај инвалидските 18.830 денари, кај старосните 22.884 денари.

Наспроти највисоката просечна воена пензија која изнесувала 29.910 денари, најмалата просечна пензија била земјоделската со износ од 10.939 денари. Највисока пензија во износ од 80.280 денари примаат 27 лица. Станува збор за една семејна и 26 старосни пензии.

Со последното усогласување на 1 март годинава пензиите беа зголемени за 5,3 проценти.