Ќе изврши ли Меркел притисок за ратификација на преспанскиот договор

78

Грчката јавност и медиумите во пресрет на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на јужниот сосед закажана за 10 и 11 јануари, гледаат финален притисок од меѓународната заедница за спроведување на договорот од Преспа, пренесува канал 5.

Експертите во земјава сметаат дека посетата на Меркел доаѓа во вистинско време. Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов, вели дека иако преспанскиот договор не е официјално на агендата на германската канцелара, со нејзината посета ќе помогне полесно да се донесат одлуките во двете земји.
Грчкиот весник Катимерини анализира дека официјална Атина ќе се најде под силен меѓународен притисок за ратификација на договорот. Евентуалното отфрлање на договорот во грчкиот парламент, според весникот, би се сметало за пораз на западните сојузници, а на тој начин, Грција би станала “црна овца” во НАТО.


„Притисокот од западните сојузници врз Атина да избегне проблеми во Парламентот, формално ќе почне со пристигнувањето на Меркел, а ќе се засили како што ќе се приближува гласањето. Европејците и Вашингтон ги водеа двете земји до оваа точка, и се надеваат дека ќе го видат договорот финализиран. Тие отворено го поддржаа Заев во референдумот и за уставните амандмани. Нема да се двоумат да го сторат истото со Грција, за да го доведат овој бесцелен спор до крај. Отфрлањето на договорот од грчкиот парламент ќе се смета за пораз од страна на сојузниците, а Атина ќе стане црна овца на трансатлантскиот сојуз.
Владејачката Сириза на премиерот Ципрас во моментов има мнозинство од 145 пратеници, а му недостасуваат уште 6 за успешно да го ратификува преспанскиот договор во грчкиот парламент. Надежите на Ципрас се дека потребното мнозинство ќе го обезбеди со помош на “Река” која има токму 6 пратеници.