Ќе докажеме дека земјоделците се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме агрополитиките, вели Трипуновски

26

– Наследивме целосно девастирано Министерство, во долгови, неисплатени плати, заостанати субвенции, целосно закочени проекти и сериозни сомнежи за криминал на претходното раководство. Наследивме хаос и тотално безредие, но изговори не смее да има. Наша обврска е да ги подобриме работите. Ова е Влада на земјоделците, ќе докажеме дека тие се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме агрополитиките – рече ресорниот министер Цветан Трипуновски по повод сработеното во изминатите 100 дена.

Според него, сто дена е мал период за да покаже Владата дека е насочена кон решавање на проблемите на земјоделците.

– Се обврзуваме за трансформација и за враќање на достоинството на македонските земјоделци. Мој фокус се нивните барања, нивниот подобар и поквалитетен живот. Остануваме 100 отсто посветени одговорно и домаќински да работиме во интерес на земјоделците – подвлече Трипуновски.

Осврнувајќи се на досега реализираните одлуки и решенија, потсети дека на првите владини седници била донесена одлука за исплата на преку 600 милиони денари заостанати субвенции.

Продолжува, рече министерот, редовното сервисирање на поддршката и, конечно, по седум години, откупната цена ја договараат земјоделците и откупните центри.

– Лошите политики на претходниот министер ја направија земјава увозно зависна од храна.

Земјоделците беа демотивирани од откупните цени и од негрижата на минатата власт, земјоделските производи завршуваа на буниште, истакна Трипуновски.

Подвлече и дека со ребалансот на буџетот биле обезбедени 350 милиони денари за вработените во „Македонски шуми“ и во АД „Водостопанство“, кои биле оставени без четири плати; дека биле склучени два договора за порибување на Охридското Езеро; дека се поделиле договори за одгледување и заштита на ловиштата, договори за поддршка на локални настани и саеми, како и договори за закуп на државно земјоделско земјиште.

Трипуновски најави дека ќе продолжи контролата на шумската полиција.

– Ја враќаме довербата на земјоделците во институциите, институциите да работат согласно со законските овластувања, да имаат земјоделците на кого да се потпрат во делот на решавање на проблемите, меѓутоа исто толку важно е и во делот на креирањето на идните мерки.

Нашата цел во наредниот период, до завршување на календарската година, е заедно со земјоделците од сите сектори да ги креираме програмите, мерките и условите за работа, што ќе значи сериозен старт на 2025 година.

Ситуациите како во производството, со неисплатени субвенции, лоша земјишна политика, многу проблеми во делот на водостопанството, треба да бидат минато и ќе бидат минато.

Ние сериозно, од почетокот на идната година, ќе превенираме вакви ситуации за Македонија повторно да биде она што беше некогаш, земјоделска држава со квалитетно и квантитетно земјоделско производство – потенцира Трипуновски.