Неодамнешната ницијативата на градоначалникот на Кочани Николчо Илијев и локалната самоуправа за формирање професионален театар во овој град доби поддршка и од актерите, режисерите, уметниците и културните работници.
Одлуката на Советот е веќе доставена до Министерството за култура, од каде треба да дадат зелено светло.
Според Илијев, потребата од професионален театар е оправдана со оглед што има поголем број дипломирани актери, режисери и други стручни лица кои се веќе афирмирани и се ангажирани во други театри или бараат работа.
Во знак на поддршка за иницијативата, актерите и културните работници кои низ годините работеле на сцената во Центарот за култура „Бели мугри“, како ентузијасти подготвуваат премиерна претстава што ќе го означи почетокот на работата на новиот театар.
Народниот театар, како професионална институција во Кочани работел во периодот од 1951 до 1959 година, под раководство на еден од најпознатите културни дејци во општината, Борис Стојчев.