Ќе го „трпиме“, сè уште не е за во пензија – Игор Џамбазов наполни 61 година

1281

Македонскиот шоумен Игор Џамбазов го прослави својот 61. роденден. Стигнаа честитки и роденденски пораки од многу познати личности.

Тоа значи дека не е за официјално заминување во пензија. Сè уште ќе го „трпиме“. Точниот опис на професијата со која се занимава не се знае, но се знае да е прилично успешен: глумец, забавувач, ТВ-водител, музичар, писател, пејач, режисер на музички спотови и текстописец.
По повод своето раѓање, и самиот Игор не остана рамнодушен. Скромно порача: „Светот не се потресол баш премногу околу тоа, ама татко ми Џамбаз не се отрезнил три дена. Другото е историја… и по малку театар и музика“.

Џамбазов е среќно роден во Скопје, во семејството на композиторот Александар Џамбазов и глумицата Анче Џамбазова, а како внук на легендарниот глумец Петре Прличко. Почнал да се занимава со глума на шестгодишна возраст, глумејќи во филмот „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица и со Милена Дравиќ. Забележителна улога му е улогата на Трајче, во филмот кој се заснова на истоимената книга „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески. Во филмот ја играше главната улога, заедно со легендарниот Ристо Шишков.

Во 1996 година, играше во филмот „Добре дојдовте во Сараево“ („Welcome to Saraevo“), во режија на Мајкл Винтерботом. Се снимаше во Сараево, во текот на војната, потоа во Сплит и во Лондон. Ликот што го толкуваше беше меѓу првите десет важни лика. Премиерата на филмот беше на Канскиот фестивал.

Скопје, како место за живеење, го напушти во 2014 година, се пресели во селото Слепче, Демирхисарско, а од крајот на 2018 година живее во селото Сретеново, на брегот од Дојранско Езеро, каде што гради голема, убава куќа. Во приватниот живот, беше лудо вљубен во водителката Искра Мишиќ и во планинарката Илина.

Д.М.