Ќе ги истетовирам сите зли ликови кои се појавија во Бетмен

96

Тетоважите се сопствен избор, за некои се украс, додека други не сакаат ниту да слушнат за да влезат во тату студио. Но, факт е дека тетоважите веќе подолг период се хит кај многу спортисти.

НБА лигата е полна со истетовирани раце, рамена, грбови, додека во регионалната АБА лига можеби немаме играч кој е истетовиран од глава до пети, како Денис Родман, но евиеднтно е дека кошаркарите сакаат тетоважи.

Најинтересни украси на телото во АБА лигата имаат крилниот центар на Цибона, Давид Маркота, играчот на Партизан – Никола Јовановиќ, Едвин Џексон од Будуќност и центарот на Црвена звезда и член на германската репрезентација – Мајк Цирбес. Што се однесува до македонските кошаркари, најзабележителни се тетоважите на Стојан Ѓуроски, кој моментно игра за тимот на Уеска (Шпанија).

Маркота: Животот во тетоважи

Кошаркарот на Цибона е познат по тоа што често знае да се почести со нова тетоважа, а сите исцртувања на неговото тело се поврзани за неговиот живот. Особено му се важни оние кои ги посветил на најмилите, ќерката и мајката.

  • Тешко ми е да издвојам некоја, сите ми се поврзани за животот во некое одредено време. На пример, првата тетоважа ја посветив на мојата мајка, а последната која неодмна ја завршив е името на мојата ќерка. Ако треба да издвојам, ете нека бидат тие две кои ќе ми останат засекогаш драги. Тоа што знам е дека нема да престанам да се тетовирам. Сега преминувам на тетовирање на нозете, имам некои идеи, но за тоа ќе ви откријам понатаму, истакна Марота.

Џексон: Негативците од „Бетмен“

Еден од најдобрите играчи на Будуќност, Едвин Џексон, наскоро ќе ја доврши и новата тетоважа.

  • Моментно работам на многу интересен мотив, со тема од култниот филм Бетмен. Ќе имам цртежи од сите негативци кои се појавуваат од тој серијал. Прва тетоважа во животот беше посветена на моите родители, истакна Џексон.

Цирбес: Ликот на мама

Интересен е и Германецот кој на раката има тетоважа со ликот на својата мајка, а сите останати се поврзани со родителите.

  • Сакам тетоважи, а првата ја направив на 17 години. Посебно ми значи тетоважата со ликот на мојата мајка, но имам истетовирано и други членови од семејството. До сега имам седум тетоважи, истакна центарот на Црвена звезда.

Јовановиќ: Тигар како симбол на силата

Кошаркарот на белградските „црно – бели“ на левата рака има тигар, а како што вели самиот, тоа му е симбол на силата.

  • Генерално немам ништо специјално и некои посебни симболики, но ми се допаѓа тигарот како животно, неговите особини, доминацијата. Тигарот претставува сила и мислам како на одреден начин да ми даде енергија. Моментно ја довршувам тетоважата која ја отсликува мојата животна приказна.

Инаку, пропознатлив по своите тетоважи е Денис Родман. Тој важеше за еден од најдобрите одбранбени кошаркари. Многу пати во неговата кариера мечот го завршуваше без поени, но затоа имаше брилијантен придонес во одбраната.

Родман е еден од најпознатите светски ексцентрици и љубители на тетоважите. Тој на своите прсти има бикови, но најинтересен детал од неговото тело е голата жена која ја има низ целиот грб.