Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, побарала од Генералниот секретаријат на Владата да се зголеми надоместокот за концесија за рудниците и сепарациите. Според неа, надоместокот кој во моментов изнесува 2% од приходот на операторот е премал и не се наплаќа ефикасно, додека концесионерите кои вршат експлоатација имаат солидни приходи и добивки.

– Од она што го испитавме, во регионот најмалата наплата е 4%, што значи дека ние сме „најевтините“. За експлоатација на мермер, во зависно од квалитетот, треба да се наплаќа кај нас од 3.000 до 17.000 денари по тон. Притоа, како може сите да го наплаќаат само најмалиот надоместок по 3.000 денари од тон за државата. Иако има реакции од компаниите, свесни сме дека 2% е мал процент и мора да се зголеми барем за нешто повеќе – вели Божиновска.

Министерката најави дека, заради подобра наплата, ќе се преиспитува и површината што се експлоатира. Поради тоа министерството ќе направи набавка за шест нови возила со кои ќе се оди на терен. Покрај тоа, во соработка со Рударскиот факултет во Штип ќе се позајмат дронови со кои подобро ќе се скенира теренот.