На НБА лотаријата одржана во Чикаго топчињата беа наклонети кон тимот на Њу Орлеанс кој ќе има право да бира прв на претстојниот драфт. „Пеликаните“ имаа само шест отсто од шансите по седми пат да го добијат првиот пик, што значи дека се апсолутни победници на Лотаријата. За разлика од нив, Њујорк, Кливленд и Феникс се најголемите трагичари сезоната кои и покрај тоа што се најлошо пласирани во своите конференции не ја добија најпосакуваната позиција. „Сонцата“ ќе бираат дури од шестото место, „коњаницата“ од петтото, додека „никси“, кои беа видени како победници, на 20 јуни годинава ќе бираат од третата позиција. Сите мислеа дека тимот од Големото јаболко ќе го добие првиот пик, бидејќи на тоа место ќе биде Зајон Вилијамс, чудото од дете кое сигурно ќе остави голема трага во НБА лигата.

Инаку, повеќедецениската пракса која налага најлошиот тим во НБА да има право да го „резервира“ најголемиот талент кој ќе заигра во најквалитетната лига, односно вториот најлош тим да го земе вториот пик, и така со ред сè до последниот – најдобриот, служеше како алатка за изедначување на лигата, односно да не се создаваат моќни колективи од една, а немоќни од друга страна. Меѓутоа, некои тимови намерно ги губеа своите мечеви во завршниците од сезоната, знаејќи дена немаат шанси за плејоф, па „бркаа“ што полоша позиција на табелата која ќе им донесе поквалитетен пик. Поради тоа воведена е лотарија, во која не влегуваат тимовите кои се најдоа во плејофот, и притоа тимовите имаат делумно еднакво право да дојдат до првиот пик на драфтот. Делумно е затоа што првите три најлоши клубови сезонава имаа по 14% од шансите да го добијат правото на првиот пик, додека четвртиот најлош тим од конференцијата 12,5% и така натаму…

Резултати од лотаријата по редослед: Њу Орлеанс, Мемфис, Њујорк, ЛА Лејкерс, Кливленд, Феникс, Чикаго, Атланта, Вашингтон, Минесота, Шарлот, Мајами, Бостон.