Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе даде отчет за сработеното во културата за изминатите 100 дена од новата Влада на 10 октомври. Набргу потоа, како што најави, ќе биде одржана и прес-конференција за Универзалната сала на која подетално ќе биде дадено објаснување за тоа што затекнале, кои се последиците од, како што посочи, незаконско преземање на објектот од Градот Скопје, и кои ќе бидат наредните чекори за повторно ставање на Универзална во функција и нејзино повторно градење.
„Не зборуваме за нов проект или за рушење. Зборуваме само за легално преземање на овој постоечки проект што го имаме сега, за да бидеме и ние сигурни и исправни пред законот, за да можеме да продолжиме најлогично како што треба“, изјави Љутков, одговарајќи на новинарските прашања при денешната посета на Македонската опера и балет, во рамките на редовните обиколки на установите од областа на културата во Македонија.
Инаку, во однос на Македонската опера и балет, Љутков посочи дека веќе се започнати интервенции за подобрување на условите во оваа установа, како за публиката, така и за вработените.
„Со ребалансот на буџетот се обезбедени платите и финансиите потребни за вработените во МОБ. Во наредниот период ќе следат интервенции во делот на ателјето кое е во многу лоша состојба, бидејќи е пребукирано со делови од старата сценографија. Сега се работи на расчистување на просторот и обезбедување на услови за други сценографии за наредните претстави“, посочи Љутков, кој додаде дека се обновени тоалетите за публиката.
Директорот Арсовски, пак, додаде дека веќе е распишан тендер да се среди и главниот влез и целото фоаје, како и покривот за да не протекува вода. Тој ја спомна и новата репертоарска политика.
„Отворањето на сезоната ќе биде на 16 октомври со оперско-балетскиот проект ‘Кармина Бурана’, следуваат двете балетски претстави „Дамата со камелии“, а репертоарот во ноември е насловен „месецот на Џакомо Пучини“ со 4 претстави „Боеми“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“, со странски пејачи и диригенти. Тоа го правиме за да го подигнеме квалитативно ниво на куќата“, додаде Арсовски. Националната опера и балет и Камерниот оркестар на 8 октомври ќе гостуваат во Виена, каде што пред австриската публика ќе бидат изведени дела и од македонски автори. (Д.Т.)