Љубомир Јованоски, КАРА – СЕИРЏИЈА: Бидна што бидна

184

Многу нешта се случија во еден кус период. Декември е месец на домашни слави. Се разбира, во тоа време се и Божиќните пости. Јануари пак е со традиционални прослави на бројни по „тежина“ празници. Вистинските верници постеа. Домашните слави беа со посни софри. Атеистите беа скусени за вообичаени оброци ако сопругата или сопругот припаѓаа на првата категорија. Некои од „обичните“ верници поткраднуваа и се мрсеа криејќи се од блиските, а оние ни вера ни невера, ни по јулијански ни по грегоријански календар на мерење на времето, во интерегнумот ја славеа и Новата година каде што се „ и јаде и пие“ и се по ред. Всушност, секој на свој начин, со своја одговорност, со свои видувања за религијата и традицијата.

Верата бара отстапки и откажувања. Освен прочистувањето на душата од зли мисли, потребно е истото да се практикува и со хедонистичката страна на човечката природа пред се во областа на гастрономијата. И едното и другото се Танталови маки. Душата е облик на внатрешна борба сам со себе, а вкусниот залак како забрането овоштие, атрактивна привлечност. Иако чествувањата уште не завршија, а кулинарскиот синдром ја доби својата слобода после постите, ќе дадеме се од себе да издржиме со раскошот на богатите софри па ако треба и ќе попукаме.

За време на владеењето на Оливер Кромвел, доживотниот принц протектор во Англија, се направиле одредени црковни реформи. Тој протектор бил пуританец. Строг кон другите, строг кон самиот себе. Чествувањата биле сведени само на обични одбележувања, а софрите и луксузот отстранети како пропратен декор на празнувањето. Дури подоцна, за времето на Чарлс Дикенс, преку неговата божиќна приказна „Кристмас керол“, почнала повторно да заживува празничната декорација и заборавената традиција пропратена со обилна исхрана. Но тоа кај католичката вероисповест. А што е поразлично кај нашата?

Имало и пак ќе има полемики за начинот на кој се однесуваме за време на празнувањата, посебно оние во зима, посебно оние јануарските. Во секој случај, традицијата е посилна од се и тешко е да се променат одредени востановени навики и посебно обичаи. Се разбира, некој си го плаќа данокот на алавоста, одмерените се секогаш трезвени и разумни, а најтешко е за окото, таа ненаситна вселенска капија која е извор на поголемиот дел од нашите гревови. Не се понастрана ни некои други сетила.

Петмина пријатели од компанијата, луѓе ни со вера ни без неа, за време на Божиќните пости, паѓаат во тешки искушенија. Тоа се пред се кафеански момци навикнати ништо да не им се забранува. Едноставно, хедонизмот е нивната водилка, а животот простор за уживање. Двајца од нив се од село, тројца од град.

– Те бараат – колешката го известува Трајко кој е наведнат над купот документи што треба да ги внесе во системот.

– Имам многу работа, Ленче. Кој ме бара?

– Време е за појадок, Трајче – се смее колешката. – Митре и Петре се во копирницата. Мислам дека донеле нешто од дома.

Војнички, Трајко скока како петел.

– Ти благодарам – жи вели и лета кон долниот кат.

– Еј, каде? – во ходникот го среќава пријател.

– О, здраво Ѓоре. Еве, на појадок. А, ти?

– Не итај – се смее Ѓоре. – И мене ме поканија во копирницата. Доаѓа и Стојан па ќе бидеме комплетни како во кафеана.

– Алал да ви е – во ходникот ги среќаваат двајца колеги со иронична забелешка. – Пак на чварки (џимиринки)? А бре имајте малку допирачка, христијани сте.

– Вие ќе постите за нас – им дофрла Трајко, – и ќе ни ги превземете гревовите!

Четири дни по ред, се јадат крцкави чварки, леб, кромид и лук. Сето тоа се залева или со препечена или со лесно бело винце. По една до две чашки, во ниту еден случај нема да ја урнат динамиката на извршување на обврските. А и да се одложат за некој ден, администрација е тоа. Ќе се постигне дополнително.

– А, бе, да не фатиме некој грев? – се преиспитува последниот ден Трајко. – Не ви се чини дека малку претеравме.

– Да ви кажам нешто, пријатели – се јавува Митре, еден од момците кои носеа вкусна храна и алкохол од домашно производство. – Грев е ако крадеш и лажеш. А што се однесува до чварките, ракиичето и винцето, каде ќе најдеш подобро нешто на пазарот полн со сомнителни производи?

– Освен тоа – се надодава Петре, – сезоната на чварките е токму по Митровден па до Божиќ, се разбира ако во меѓувреме не ги офукаме.

– Дома жена ми ме потече со ефтина риба – се жали Стојан.

– А мене со посна кромпир манџа – се надоврзува Трајко.

– Е, а јас ќе и скрцкам, па мојата ќе направи плескавици! – се фали Ѓоре и граба со три прсти од ситните чварки кои се и највкусни.

– Аааа, знам, де – Трајко одмавнува со дланка и голта од винцето. – Плескавиците да ти бидат од соја, модар патлиџан и така…пак нешто посно. А, бре, не се фали, те знам што мустра си!

Удрија на смеа. Сите знаат дека на жените не треба да им се застане на пат кога е верата во прашање, жените се свесни дека овие грешници ниту по еден ред не се верници. Се разбира, освен кога имаат мака па се крстат и бараат помош од Севишниот.

За Свети Ѓорѓија и Свети Никола, се омрсија. Арно ама, клетвата ги стаса. Митре и Стојан ги зафатија тоалетите на горниот кат, Петре и Ѓоре, кат подолу. И толку. Компанијата немаше повеќе тоалети. Трајко извиси. Тропа излудено де кај едните, тропа де кај другите. Никој не отвара. Се врти се сучи, станот му е во истата зграда но од другиот влез. Нема чаре бидејќи е страотно нападнат. Потскокнува како јарец.

– Каде бе, Трајче? – во ходникот го среќаваат двајцата кои се придржуваат кон верските обврски. – Нешто како да ти е допрен мочот?

– Извинете… – искривен во нозете, поминува покрај нив како фурија.

– Е, така е кога се нема мерка!

Трча кон домот и патем се среќава со многу познати. Од зорт, не им возвраќа. Пред самиот финиш на трката со маката, ја губи битката. Поцеден влегува да се истушира…

*
– Море пак добро поминавме – им вели на пријателите. – Знаев дека сте вие во тоалетите и дека нема друго чаре освен да бегам дома. Ама… не стасав.

– Па тогаш зашто велиш дека поминавме добро кога настрада? – го прашува Ѓоре.

– Оние двајцана – се смее Трајко, – оние верницине, ене ги веќе цела седмица во болница. Се затнале од оризот во посните сарми па ги клистираат. Се запекле до немај каде!

Грми смеа.

– Значи – се јавува Митре, – бидна што бидна ама за во иднина…не треба да се претерува во ништо, пријатели!


Гостивар 2019