Бошко и Адмира станаа познати во светот како сараевски Ромео и Јулија откако на 18 мај пред дваесет и шест години беа убиени на еден мост во тогаш опседнатиот босански главен град. Со два снајперски истрела.

Дваесетичетиригодишниот Србин Бошко Бркиќ веднаш почина од снајперскиот истрел. Неговата дваесет и петгодишна девојка, муслиманката Адмира Исмиќ, која беше фатално ранета доползи до Бошко и по десетина минути почина.

Еве што тогаш изјави еден сведок на овој потресен настан:„Девојката мавташе со торбата. Тие трчаа и се држеа за раце. Изгледаше како да танцуваа. Одеднаш слушнав истрели. Тие паднаа на земја.“

Телата останаа на ничија земја во опколеното Сараево речиси седум дена пред српските сили да испратат муслимански затвореници за да ги соберат.
Двете страни меѓусебно се обвинуваа дека го прекршиле примирјето за време на кое двајцата вљубени сакале да побегнат од опсадата. Никогаш не е утврдено кој бил виновен за нивната смрт.

Приказната го сврти светот откако неа ја испрати дописникот на Ројтерс, Курт Шорк. За милиони луѓе љубовта на модерните Ромео и Јулија прекината од омразата која ги опкружувала, им ја откри трагедијата на неразумното уништување во Сараево. заедничката среќа да ја побараат некаде каде што нема да се сметаат за предавници на својот народ.

Дваесет години подоцна групата „Забрането пушење“ ја опеа трагедијата.
„Ова е симболична приказна која е актуелна и денес. По толку години мир се уште бараме љубов и слобода во нашата земја. Во оваа приказна најдов многу работи кои се исти и денес и кои ни се случуваат сега“, вели лидерот на групата Давор Сушиќ.
Таткото на Адмира, Зијо Исмиќ, во една пригода рече: „Се вмеша војната во љубовта. Тоа е тој проблем. Во такви ситуации законите на љубовта не постојат. Постојат само законите на војната.“ Мајката на Бошко, Рада Бркиќ го напушти Сараево и никогаш не се врати таму, бидејќи, како што еднаш изјави, не може да се соочи со градот каде што Бошко и Адмира живееја и се сакаа. „Не мислам многу за човекот кој ги уби. Но ако некогаш го видам само ќе го прашам: Зошто го стори тоа? Ништо повеќе“.

И за двете  семејства нивните деца биле Ромео и Јулија само поради големата љубов, тие  никогаш не биле против врската иако биле од различни нации. Освен болката која им ја оставија децата, споделуваат уште една работа – смртта на репортерот Курт Шорк, кој е убиен на боиштето во Сиера Леоне во 2000 година. По негова желба, дел од пепелта од неговата урна е положена во гробот на Адмира и Бошко кои се погребани во Сараево, заедно со илјадниците жртви на опсадата на градот. Така, кога носат цвеќе за нив, од букетот секогаш се двои цвет и за воениот репортер.