Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникацици Расим Љаиќ изјави дека ако Приштина наскоро не ги укине таксите од 100 отсто за увоз на стоки од Србија, долгорочната штета ќе биде поголема од 66,2 милиони евра, колку што во моментов изнесува.
Љајиќ предупреди дека штетата ќе биде долгорочна, бидејќи „други играчи“ ќе го заземат пазарот во Косово, кој досега го имаа производителите од Србија.
– Ако таксите се укинат денеска, дел од бизнисмените би се вратиле во Србија, но ако ова продолжи, тоа нема да има ефект, бидејќи други играчи ќе го заземат овој простор и штетата ќе биде уште поголема, рече Љајиќ за РТС.
Како што наведе, од вкупниот увоз на земјите на ЦЕФТА, Србија во Косово учествувала со 60 отсто, додека извозот од Албанија сега е зголемен за 60 отсто, од Македонија за 40 отсто, од Словенија за 123, од Грција за 114 отсто, од Унгарија за 71, од Бугарија за 50 отсто, а од Хрватска за 28 проценти.
– Во декември 2017 година Србија учествуваше во увозот на Косово со 15,7 отсто, а во декември 2018 година со 1,7 отсто, рече Љајиќ, додавајќи дека во декември 2017 година Србија продала стоки во вредност од 46 милиони евра, а во декември 2018 година, 5,7 милиони евра, кога се уште можеше да се продаваат меѓународните брендови произведени во Србија.
Тој, исто така, потсети дека меѓународната заедница апелирала до Приштина да ги укине таксите, но тешко е да се предвиди што ќе сторат косовските власти.