Барањата на меѓународната заедница за борбата со корупцијата и криминалот, особено сузбивање на високопрофилираните случаи, како и санкциите од Вашингтон и најавата на премиерот Христијан Мицкоски за робусна акција во земјава против корумпираните судии и обвинители, конечно ги активираа институциите во земјава. Скопското јавно обвинителство ги чешла списите од Судскиот совет и ќе утврдува одговорност на судии кои постапувале во предметот познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“, а премиерот најави уште десетици нови случаи како акцијата „Адитив“.
Од ОЈО во петокот соопштија дека по назначувањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на т.н. „црна листа“ на САД, се преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот, за кој американскиот Стејт департмент ги санкционираше Груби и Беџети поради примање мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
-Постапувајќи по предметот оформен по назначувањето на две лица на т.н. „црна листа“ на САД, Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија во рамките на кои истражител од Истражниот центар на обвинителството ги побара и ги презеде од Судскиот совет сите списи во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во предметот познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“. Се преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот, соопштија од ОЈО.
Јавното обвинителство го оформи предметот за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, еден ден по објавата на Стејт департментот. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека ќе одговара и давателот на поткупот за да се чува предметот на Сашо Мијалков во фиока. Коцевски рече дека Обвинителството ќе побара помош и од стратешките партнери.
Во меѓувреме, меѓународната заедница бара да се испитуваат сите индиции за корупција во земјава. Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас рече дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со случајот со Груби и Беџети, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата.
-Соединетите Aмерикански Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство, рече Рокас.
Евроамбасадорот додаде дека и Унијата има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.
-Тука можам да ја споменам оценската мисија на ЕУ, којашто издаде 40 препораки за судството во Северна Македонија, така што мислам дека најважно е судството да стане независно тело. Професионално и независно судство останува клучен приоритет за идниот интегративен процес на Северна Македонија во ЕУ. Со постоење на независно судство, ќе се зголеми довербата во општеството и се надеваме дека ова ќе се случи многу поскоро, додаде Рокас.
Во однос на претресите во Судскиот совет, Рокас рече дека на Јавното обвинителство треба да му бидат ставени на располагање сите механизми и Обвинителството треба да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција.
-Мислам дека канцеларијата на Јавното обвинителство секогаш треба да ја има можноста да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција. Без разлика дали станува збор за индивидуални или општи акти во едно демократско општество на Јавното обвинителство треба да му бидат ставени на располагање сите механизми за да може да изврши истрага за можна корупција, додаде Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека мора да се врати довербата во судството и правдата да владее во цела Македонија, но и најави уште десетици нови случаи како „Адитив“.
-Во периодот што следува, од информациите со кои располагам, ќе има десетици вакви случаи. Гледате дека се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал Министерството за внатрешни работи заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следува десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години, изјави премиерот Мицкоски и повтори дека од акциите нема да се прави естрада.
Премиерот рече дека полициската акција во Судскиот совет е со цел да се потврди сомневањето за фалсификување записници, преку кои се манипулирала волјата и мислењето на членовите на Судскиот совет од страна на поединци потсети и дека довербата кај граѓаните во судско-обвинителскиот систем кај нас е околу два проценти, нагласувајќи дека правдата е бавна, но постепено доаѓа и ќе дојде.
Во таа насока беше и неговата најава за т.н. робусна акција против корумпираните судии и обвинители, во чиј склоп во вторникот под кодното име „Адитив“ се одвиваше акцијата во која се осомничени вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија ЕСМ, на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
Претходно, со своите механизми за санкционирање на корупцијата и американскиот Стејт департмент соопшти дека воведува санкции против поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и против судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција и ги стави на црната листа на САД. По именувањата, американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, ги повика органите во земјава да бараат одговорност од корумпираните актери и најави дека црната листа не е затворена, туку очекува на неа да се најдат и други имиња, кои не се само политичари. Американската амбасадорка во Македонија во повеќе наврати потенцираше дека граѓаните во земјава заслужуваат независен правосуден систем и дека нема место за политичко мешање во овие постапки.
Меѓународната заедница со години бара од земјава интензивирање на реформите за да се врати довербата во правосудството. Во својот последен извештај, Европската Унија истакна дека довербата во правосудството во Македонија мора да се зголеми преку решавање на високопрофилираните случаи и преку борбата против корупцијата. Слични критики редовно доаѓаат и од нашиот стратешки партнер, САД. Вашингтон во земјава праќаше и тим за санкции за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери. (В.С.Н.)