Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ од Скопје на 17. декември (20 часот) во Националната опера и балет ќе одржи јубилеен концерт по повод 75 години постоење. Ова друштво ја испишува историјата и остава големо богатство за сегашните и идни генерации.

„На концертот ќе учествуваат сите членови на АКУД ‘Мирче Ацев’, од најмладите до ветерани, хорот, играорците и оркестарот. Во рамките на програмата ќе се игра „Женско чанче“, „Долна Преспа“, „Жетварка“, имаме ромски игри, како и сплет игри “Овчарка“, а направивме микс и од источна Македонија, „Малешевка“. Хорот пак, ќе си настапи со два блока, со „Балтепе“ и аранжмани на песни од „Квин“ и „АББА“. Програмата ќе биде интересна за сите генерации и вкусови“, вели Благоја Јованоски, уметнички директор на АКУД „Мирче Ацев“.

Организаторите посочуваат дека подготвуваат вечер полна со незаборавни изведби.

„Со самото формирање на првите факултети во Република Македонија, веднаш по ослободувањето, а со тоа и со почетоците на нивниот развој и општествен подем, на површина се појавува и потребата на студентите за поорганизиран културно-забавен живот. Потреба од нешто, што ќе биде носител на културата и уметноста во средиштето на сите активности што се јавуваат како израз на интелектуалните стремежи и прогресот на Универзитетот. Олицетворение на таков носител во областа на уметноста и културата, уште во самиот зародиш на универзитетскиот живот, станува Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, кое во целиот изминат период е единственото културно-уметничко друштво на ниво на целата држава со предзнакот академско“, велат од АКУД „Мирче Ацев“.

ИЗДВОЕНИ