Јавните претпријатија ЈСП, „Лајка“ и „Улици и патишта“ ќе добијат нова финансиска инјекција од Град Скопје за наредната година. ЈСП ќе се освежи со вкупно 740 милиони денари кои Град Скопје ќе ги издвои од буџетот за 2023 година, додека ЈП „Лајка“ со 10 милиони денари, а ЈП „Улици и патишта“ ќе добие 20 милиони денари.
Од вкупно 740 милиони денари, 130 милиони ЈСП ќе добие од Градот за обезбедување на карти за возрасни лица – бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела, и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети, додека 550 милиони денари се предвидени за тешкотии во работењето на претпријатието и 60 милиони денари за функционирање на АЛВ и системот за интелигентна наплата.
Градот Скопје за наредната година ќе му даде финансиско освежување и на ЈП „Лајка“ во износ од 10 милиони денари за да се справи со тешкотиите во работењето.
Причината за тоа како што се наведува во предлог-одлуката за субвенционирање на ЈП „Лајка“ е тоа што претпријатието не ги остварило своите приходи, а општините во градот Скопје не ги подмируваат своите обврски навремено, поради што се наоѓа во незавидна економска состојба.
ЈП „Улици и патишта“, субвенциите од 20 милиони денари од буџетот на Град Скопје ќе ги добие за одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќај.
– Придобивките се во тоа што ЈП „Улици и патишта“ ќе може да врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, а исто така може и да управува со светлосните сигнали, односно семафорите ќе може да се исклучат или да се префрлат да работат на жолто трепкаво светло од самиот Центар, ќе може да ја следи работата и состојбата на светлосните сигнали во реално време, ќе може визуелно да го набљудува сообраќајот како и да ги информира возачите за состојбата на патиштата преку знаците со променлива содржина – се потенцира во образложението на предлог-одлуката.
(А.П.)