Единаесет дечиња на возраст од 13 до 16 години од „Стем Академија“, вљубеници во роботиката и во бескрајните можности на играта со лего-коцките, оваа година ќе учествуваат на Светското првенство во едукативна роботика „First Lego League“ во градот Библос во Либан, кое ќе се одржи од 13 до 19 јуни.

Како што истакна Жарко-Поп-Илиев, извршен директор на Фондацијата за промовирање на иновативно учење, едукација и личен развој „Стем Академија“ „First Lego League“ е глобално натпреварување во роботика на кое земаат учество 42.000 тима од 95 земји.

Поп-Илиев објасни дека овој натпревар се состои од четири дела. Првиот дел е робот гејм, односно робот игра во чии рамки децата треба да дизајнираат и испрограмираат автономен робот кој треба да извршува однапред зададени задачи.

Вториот дел од натпреварот се состои од креирање на иновативен производ кој оваа година треба да реши проблем на астронаутите додека се во орбитата.

Третиот дел од натпреварот е бранење на дизајнот и програмата пред Комисија.

-Децата треба да презентираат што е тоа што го направиле и да ги одбранат дизајнот и програмата – вели Поп-Илиев.

Четвртиот дел од натпреварот се тимските вредности, односно како се однесува тимот за време на натпреварувањето, дали се карале меѓусебно, не се согласувале итн.

Во сите четири категории се собираат поени, а од вкупниот број на собрани поени ќе зависи пласманот.

Како што информираше Поп-Илиев нашиот тим ќе настапи под името Спенс Вокер кој брои 11 деца. Тоа се: Јован Стојковски, Марко Ангелов, Симон Божиновски, Стефан Крстевски, Давид Топчиевски, Габриел Гбадамоси, Иван Илијевски, Лука Атанасов, Лео Ангелов, Нина Манасиевиќ и Матеј Додевски.

Еден од нив, според Поп-Илиев е резерва.

Тој додаде дека овој тим победил претходно на националното првенство што беше одржано во Македонија и се стекна со право да учествува во финалето  на „First Lego League“ во Адрија лигата во Цеље.

-Во Цеље учествуваа тимови од Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Овде го освоивме осмото место и добивме награда за најкомплетен тим. Врз основа на поените што ги имавме стекнавме право да се квалификуваме на светското првенство во градот Библос Либан, на кое се квалификуваа 500 тима од 42 земји меѓу кои: САД, Јапонија, Сингапур, Кина, Велика Британија, Германија и други,  потенцираше Поп-Илиев.

Тој вели дека во моментот се подготвуваат на големо за успех во сите категории на овој натпревар.

-Во робо играта – робо гејмот сме речиси до европскиот рекорд и работиме да го надминеме, истакна Поп-Илиев.

Тој информираше дека се обидуваат да најдат спонзори за одењето на овој натпревар.

Еден од нив е и јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ кое донесе одлука да ги поддржи овие дечиња и да им помогне да го остварат својот сон.

За таа цел, директорот на „ПОЦ“, Васко Кичевски и извршниот директор на Фондацијата за промовирање на иновативно учење, едукација и личен развој „Стем Академија“, Жарко Поп-Илиев, потпишаа договор за донација на финансиски средства во износ од 60.000 денари кои ќе ги покријат трошоците за котизација по дете.

Исто така, „Стем Академија“ е во преговори со Фондот за иновации и технолошки развој за да ги покријат авионските карти.

(А.П.)