ЈП „Лајка“: Кога вдомувате миленик, се обврзувате да се грижите за него до крајот на неговиот живот

44

Од јавното претпријатие „Лајка“ велат дека најголем причинител за големиот број бездомни кучиња низ улиците во Скопје е неодговорното сопствеништво, односно потребата од стерилизација/кастрација на милениците за спречување на нивната репродукција, како и масовното напуштање на милениците, кое е забрането и казниво по закон.

– Согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните во нашата држава став 26, став 2, сопствениците не смеат да ги напуштаат домашните миленици. Тие се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти кои се овластени за спроведување ветеринарна здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство (член 27, став 1, Закон за заштита и благосостојба на животните). Секој сопственик на миленик задолжително треба да го идентификува својот миленик, односно микрочипира и да ги внесе уредно сите податоци во базата за миленици – порачуваат од ЈП „Лајка“.

Оттаму информираат дека во изминатиот период се заловени 15 чипирани кучиња на сопственици, кои сè уште се наоѓаат во прифатилиштето и покрај тоа што сопствениците се уредно известени и информирани дека милениците им се наоѓаат во прифатилиштето.

– Игнорирањето и непреземањето не се решение. Кога вдомувате миленик, се обврзувате да се грижите за него до крајот на неговиот живот – децидни се од ЈП „Лајка“.

Од јануари 2022 до денес, 19 кучиња со чип кои биле заловени од заловувачките служби на ЈП „Лајка“, се веќе уредно преземени од нивните сопственици.

Од претпријатието апелираат до сите граѓани да се грижат за своите миленици, бидејќи напуштањето на милениците не само што е нехуман чин кој претставува сериозен стрес за секое куче туку истовремено претставува и општествен проблем со кој ЈП „Лајка“ сериозно се соочува.

Како што нагласуваат од претпријатието, досега имаат спроведено неколку кампањи за одговорно сопствеништво за подигање на јавната свест за благосостојбата на животните, со акцент на стерилизацијата и микрочипирањето на домашните миленици како една од мерките за спречување на зголемувањето на бројот на кучиња скитници.

Во насока на понатамошна едукација на граѓаните, ЈП „Лајка“ ќе продолжи да ја спроведува оваа кампања преку различни активности.