Компаниите ги чекаат условите кои треба да ги исполни за да може да ги добијат парите од унгарски кредит. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на неделава ќе се знаат критериумите за тоа кој ќе има право да аплицира за евтиниот кредит. Бизнис-секторот со поделени ставови, дел од компаниите бараат поголема транспарентност во целата постапка, бидејќи повеќе од месец и половина се зборува за кредитот, а деталите сè уште не ги знаат во целост. Дел, пак, смета дека кредитите мора да се даваат на компании кои имаат издржани проекти, бидејќи не станува збор за грантови, државна помош или за субвенции и парите мора да се вратат.
Економски аналитичари коментираат дека има нејаснотии околу унгарскиот кредит во однос на тоа кои компании ќе добијат пари, каква ќе биде намената и дали навистина ќе поттикне нов инвестициски циклус или ќе поддржи веќе планирани проекти.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, за весникот ВЕЧЕР вели дека постои ризик голем дел од парите да завршат кај фирми блиски до власта.
-Каматната стапка од 1,95 отсто е релативно ниска, ама многу е проблематично што граѓаните, преку државниот буџет, ќе покриваат дел од неа. Буџетот во Македонија го полнат пред сè сиромашните и сега практично ќе имаме ситуација кога тие ќе им даваат 8 милиони евра секоја година на фирмите, за фирмите да земаат поволни кредити. Ова не е баш во ред, особено што постои ризик голем дел од парите да завршат кај фирми блиски до власта, вели Јовановиќ.
Друго што според него е спорно е што кредитите изгледа ќе можат да се користат за многу широки намени, остава простор за многу сомнежи.
-Изјавата на премиерот, дека ќе можат да се користат за сите вложувања во основни средства за работа, отвора простор дека парите ќе можат да се користат и за купување коли, бидејќи и тие можат да се подведат под основни средства за работа. Исто така, премиерот експлицитно најави дека парите ќе можат да се користат и за изградба на деловно административен простор, што повторно е многу спорно. Парите треба да бидат наменети за вложувања во нова технологија, машини, опрема, производни процеси и слично, а не за непродуктивни вложувања. Последната моја забелешка е дека не треба да се имаат преголеми очекувања од овие кредити. Самиот износ и не е толку голем, тој е отприлика еднаков на износот на новоодобрени корпоративни кредити кои ги даваат банките во Македонија секој месец. Не треба да се заборави ни дека и досега постоеја слични вакви кредитни линии. Развојната банка во моментов има две слични линии, во вкупен износ од 150 милиони евра, со каматна стапка под 3,5 отсто. Па и покрај тоа, гледаме дека економијата баш не ни цвета, вели Јовановиќ.
Претходно од бизнис-секторот бараа поголема транспарентност, бидејќи повеќе од месец и половина се зборува за кредитот, а деталите сè уште не ги знаат во целост. Сепак, дел од бизнисот смета дека кредитите мора да се даваат на компании кои имаат издржани проекти, бидејќи не станува збор за грантови, државна помош или за субвенции и парите мора да се вратат.
-Кога Владата се договара со комерцијалните банки и кога тие пари нема да бидат грантови, туку ќе се враќаат компаниите за да добијат пари од кредитот треба да презентираат добар бизнис-план. Во тој контекст тука ќе се земат во предвид одржливоста, напредокот, развојот и сите предизвици и ризици со кои се соочуваат компаниите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација.
Тој смета дека Владата не може да притиска кај комерцијалните банки за тоа кои компании може да добијат пари, а кои не може.
-Целата процедура на поделба на унгарските пари ќе биде врз основа на бизнис планови и параметри. Сметам дека постапката ќе биде транспарентна, бидејќи парите мора да се вратат. Тука не станува збор за грантови, за државна помош, за субвенции туку за кредити кои мора да се враќаат, објаснува Бошков.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на неделава ќе бидат целосно дефинирани условите за добивање средства од унгарскиот кредит за стопанството во износ до 250 милиони евра и ги повика компаниите да подготват добри издржани проекти и добар бизнис-план за да можат да аплицираат за добивање на средства по поволни услови.
Тој нагласи дека ќе бидат поддржани компании кои ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.
Максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра што значи дека кредитот ќе биде до осум милиони евра, а останатите два милиони евра ќе бидат од сопствено учество. Каматната стапка од 1,95 отсто ќе биде фиксна независно од износот на парите што ќе го добијат од кредитот.
(А.С.)