Насилникот пред извесно време излегол од затвор и наместо да се врати ресоцијализиран тој го сторил најтешкото кривично дело- убиство. Обвинителството поведе истрага, а судијата на предходна постапка му одреди 30 дневен затворски притвор.
Уште еден фемицид се случи во земјава – 33-годишен маж со голи раце ја удавил неговата 29-годишна партнерка во местото Суитлак, во близина на зоолошката градина во Штип. Според информациите на истрагата мотивот за убиството била љубомора, пред да ја задави во нејзината куќа, двајцата се расправале по што осомничениот убиец почнал да ја тепа за на крај да ѝ го одземе здивот давејќи ја до смрт. Откако ја убил отишол во полиција да се пријави. Насилникот пред извесно време излегол од затвор и наместо да се врати ресоцијализиран, тој го сторил најтешкото кривично дело – убиство. Обвинителството поведе истрага, а судијата на претходна постапка му одреди 30-дневен затворски притвор.
„На 1 ноември, во попладневните часови, при вршење семејно насилство, осомничениот со умисла ја лишил од живот неговата вонбрачна партнерка. Откако со жртвата се договориле да се сретнат во помошен објект на ЈП Исар, каде што и претходно често се среќавале за да разговараат за проблемите во нивната врска, меѓу нив настанала расправија, по што осомничениот физички ја нападнал. Ја удирал со тупаници, па ја фатил за вратот, ја турнал на подот и со двете раце ја притискал и давел подолго време додека жената не престанала да дава знаци на живот“, ги открива деталите од свирепото убиство обвинителството во Штип.
Дека Емилија долго била малтретирана од нејзиниот партнер, за порталот СДК посведочи и нејзиниот татко. Според него, таа била тепана, и трпела закани од партнерот дека ќе ја убие. Семејството тврди дека го информирале и Центарот за социјални работи и полицијата, но место превенција од надлежните, дошла најлошата вест, дека нивната ќерка е убиена.
Весникот ВЕЧЕР веќе пишуваше дека расте бројот на случаите на семејно насилство и фемицид во земјава. Жртвите, особено во руралните средини, не се охрабруваат да ги пријават насилниците, а доколку го сторат тоа, често под притисок се откажуваат да го тераат случајот до крај. Судовите ретко изрекуваат затворски казни за делата поврзани со семејно насилство, најчесто казните се условна осуда, а сторителите обично се враќаат кај нивните жртви, коментираа дел од адвокатите кои застапуваат вакви случаи пред судовите.
Речиси и да нема ден, а во полицискиот билтен да не се евидентира случај на семејно насилство. Младата Емилија е трет случај на убиство. Недостатоците во превенција на семејно насилство ги увиде и Министерството за труд и социјала, последната изјава на заменик-министерот Велковски ја истакна потребата од правење регистар на жртвите и насилниците, преку кои побрзо ќе дејствуваат надлежните институции, центрите за социјални работи и полицијата. Дали во случајот со Емилија затаиле центарот за социјални грижи е прашање кое го отвори семејството?
Жртвите најчесто насилството го пријавуваат во полиција или на телефон на невладина организација. Полицајците треба да ја сослушаат жртвата и да ја придружуваат до лекар доколку дошло до физичко насилство. Но, на жртвата останува одлуката дали понатаму ќе сака кривично да се гони насилникот. Доколку жртвата се одлучи да го тера процесот, во него се вклучуваат и инспекторите за семејно насилство, а жртвите може да се сместат во сигурносни куќи. Ако има деца кои се останати кај насилникот, му се одземаат и за нив се грижи Центарот за социјални работи и тие се сместуваат заедно со жртвата. Полициската работа завршува со формирање на кривична пријава, а потоа случајот се води во обвинителството. Со осудителната пресуда најчесто се изрекуваат мерки, осудениот да оди на лекување, да не се приближува до жртвата, да посетува советувалиште. (П.А.)