Јахја Синвар, или касапот од Кан Јунис, израелската војска го бркаше цела година, a го уби случајно

256

Даниел Хагари, портпарол на ИД, раскажа дека неговите војници во Тал ал-Султан, кварт во Рафа, најјужниот град на Газа, идентификувале тројца мажи кои трчале од куќа до куќа и ги елиминирале, а човекот, кој подоцна е идентификуван како Синвар, сам влетал во една од зградите. Бил убиен откако бил лоциран со дрон. Неговото тело било подигнато следниот ден, а идентификуван е преку анализа на прстот, кој војниците му го отсекле зашто телото им заличило на Синвар

 

Злото претрпе тежок удар, но задачата на Израел не е завршена, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по информацијата дека е убиен лидерот на Хамас Јахја Синвар. Тој имаше порака до жителите на Газа.

-Синвар ви го уништи животот. Ви кажа дека е лав, но во реалноста се криеше во мрачно дувло и беше убиен додека панично бегаше од нашите војници, рече Нетанјаху.

Јахја Синвар се смета за креатор на нападот на Израел, на 7 октомври лани, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили и тоа не само Израелци, туку и странци, а беа земени повеќе од 250 заложници. Тоа предизвика израелска офанзива по која на Блискиот Исток веќе нема мир. Според британски Гардијан Синвар не само што бил главен организатор на тој ненадеен напад на Израел, наречен „Поплава во Ал Акса“, туку и го планирал и организирал речиси сам. За него знаеле само мал број негови најблиски соработници, од кои некои биле информирани само неколку дена пред нападот.

Оттогаш Израел ја бара неговата глава, а нешто повеќе од една година подоцна, кон крајот на неделава го оствари тој план, но сосема случајно. Израелската војска (ИДФ) соопшти дека единица од нејзината 828. Бислама бригада во средата патролирала во Тал ал-Султан кварт во Рафа, најјужниот град на Газа. Тогаш биле видени и убиени тројца борци на Хамас, кои трчале од зграда во зграда. Телата ги прегледале дури следниот ден и тогаш едно од нив им заличило на Синвар, па му го отсекле прстот и го пратиле на тестирање во Израел. Трупот останал на истото место поради сомнителни нагазни мини сè до вечерта во четвртокот, кога било однесено во Израел. Даниел Хагари, портпарол на ИД, раскажа човекот, кој подоцна е идентификуван како Синвар, со трчање влегол сам во една од зградите. Бил убиен откако бил лоциран со дрон. Покрај 61-годишниот Синвар речиси секогаш имало заложници, но не и овој пат. Би-би-си пишува дека најверојатно никој од заложниците не бил присутен, а тоа што го придружувале малку луѓе сугерира дека или се обидувал да се движи незабележано или дека изгубил многу од оние кои го штителе.

Снимки објавени од израелската војска ги покажуваат последните моменти на Синвар пред да биде убиен. Видеото е снимено со дрон кој влетал низ отворен прозорец на претежно уништена зграда. Дронот се приближува до маж со покриена глава кој седи во фотелја на првиот кат од куќа, целата во урнатини. Човекот потоа фрла стап кон дронот и видеото завршува. Неколку минути по објавувањето, фотографии објавени на социјалните мрежи покажаа тело на маж слично на лидерот на Хамас, со тешки рани на главата. Во четвртокот вечерта тестовите направени во Израел покажаа дека се работи за Синвар.

Тој е роден во бегалски камп во Кан Јунис во 1962 година, а неговото семејство побегнало од својот дом заедно со стотици илјади други Палестинци за време на војните што ја создадоа државата Израел. Се верува дека таквото минато одиграло голема улога во неговата одлука да му се приклучи на Хамас во 1980-тите. Подоцна станал член на полицијата на Хамас. Го сметале за брутален и безмилосен, па го нарекувале касапот од Кан Јунис. Синвар беше заробен од израелските сили и осуден на повеќекратни доживотни затворски казни за серија злосторства. Ослободен е во 2011 година, а шест години подоцна избран е за лидер на Хамас во Газа. Синвар, кој го сметаат за еден од најекстремните водачи, дојде на чело на Хамас по убиството на Исмаил Ханија во Техеран во јули годинава.

-Неговата смрт сигурно значително го ослабува Хамас, изјави во петокот претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека Синвар е одговорен за страдањата на луѓето во Газа поради неговите постапки како еден од главните организатори на нападот на Хамас врз Израел минатата година.