Фантастичниот напаѓач на Кристал Палас и еден од најбараните фудбалери кога е во прашање претстојниот летен преоден рок, Вилфред Заха, откри што точно мисли за вечниот проблем – расизмот во Премиер лигата.
Откако крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Рахим Стерлинг стана еден од најгласните играчи во борбата против ова зло, свое мислење даде и најголемата ѕвезда во дресот на лондонскиот премиерлигаш.
- Речиси на секој натпревар ме нарекуваат мајмун или црнчуга. Каде ќе бев ако таквите коментари имаа некакво влијание врз мене. Не можам да сфатам како тие луѓе не доживуваат, можеби како животни. Зошто некој мисли дека тоа е во ред? Како можеш да се дереш од трибина, а до тебе седи твоето 5-годишно дете? И што, кога ќе заврши натпреварот, ти повторно си идеален татко, добар работник и нормална личност?, се прашува Заха кој важи за голема желба на раководните лица на Манчестер Јунајтед и Арсенал.
- Немам желба да бидам како Стерлинг и да се борам против тоа, затоа што одамна поминав преку тие работи. Во изминатите неколку месеци разговарам со еден life coach, затоа што дојдов до фазата во која не можам да сфатам дали играм фудбал затоа што ја сакам оваа игра или играм и го доживувам како работа. Дали знаете колку е тешко постојано да бидеш лут на нешто? На тој начин трошите време и енергија, а има толку убави работи во животот поради кои треба да бидете среќни, додаде Заха.
Организацијата „Kick it Out”, која се занимава со борба против расизмот, објави дека во сезоната 2017/2018 во Премиер лигата имало 11% повеќе пријави за расистичко однесување во споредба со изминатата сезона.