Јаневски: Поради недостатокот на јасна програма за пречек на Новата година Градот Скопје не е доволно конкурентен

40

Поради недостатокот на јасна програма за пречек на Новата година Градот Скопје не е доволно конкурентен со останатите метрополи и поголеми градови во регионот, оцени денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

-Во 2022 година недостасуваат организираните тури, но и поголема не само промоција на Скопје како главен град, туку како бизнис центар кој треба да функционира во текот на 12 месеци. Има и недостаток на манифестации и на јасна програма за пречек на Новата година и кои ѕвезди ќе настапат. Поради тоа нашите туроператори беа оневозможени да го промовираат и да го стават Скопје во нашата програма за пречек на 2023 година – изјави Јаневски.

Тој нагласи дека доколку се направи компарација со Ниш може да се согледа дека Ниш уште во ноември знаеше кој ќе биде на плоштадот за Нова година, која е програмата и, како што посочи, уште на крајот на ноември беа распродадени комплетните сместувачки капацитети.

-Голем број на домашни туристи ќе останеа во главниот град и во другите наши туристички центри доколку ги имавме програмите за пречек на 2023 година. На ваков начин ќе имаме одлив на домашни туристи и многу помал број на странски туристи за пречекот на Новата година – потенцира Јаневски.

Укажа дека Охрид има посолидна програма за пречекот на Новата 2023 година  затоа што е веќе објавена на нивниот сајт и туристите можат да видат што и како ги очекува за новогодишната ноќ.

-Во иднина очекувам многу порано да ги знаеме ѕвездите кои ќе настапуваат, многу појасно да бидат третирани, а туристичките сектори во локалниот економски развој да имаат презентации пред туроператорите што нуди градот за новогодишните празници. Ги охрабрувам се повеќе и повеќе да создаваат манифестации кои ќе третираат регионални и европски сегменти на туристичка понуда. Ако Скопје го има Скопскиот маратон треба да имаме ефект од тоа во туристичката индустрија и секоја година да расте и да стане брендирана манифестација. Тоа исто треба да се случува и со останатите спортски манифестации и настани од културен карактер – заклучи Јаневски.