Доколку училиштата не најдат решение за случајот со детето со насилно поведение, тогаш тоа ќе го решава Министерството за образование и наука, изјави денеска министерката Весна Јаневска, која ги повика директорите, градоначалниците и стручните служби да дадат дообјаснување до училиштата и до родителите на децата што учат во „Лазо Ангеловски“ и „11 Октомври“ за да се реши случајот со проблематичниот ученик поради кој цели одделенија од Центар веќе бојкотираат настава, а во „Лазо Ангеловски“, денес треба да се одлучи дали учениците утре ќе одат на настава.
„Решението треба да биде задоволително за сите страни што според мое мислење е можно и доколку треба во следните неколку денови ќе се сретнам со сите релевантни чинители со кои треба да разговарам“, рече Јаневска денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Таа нагласи дека случајот добил преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем. Според Јаневска секое дете во земјава има право на образование и тоа е задолжително.
„Детето кое и да е и што и да му се случува во животот, во системот на државата треба да си најде место односно државата, вклучувајќи ги и училиштата, е должна да му овозможи на детето да поминува низ образовен процес“, рече министерката и посочи дека реакцијата на сите родители е пренагласена, но и дека училиштата треба посериозно да ја сфатат работата околу децата со потешкотии во учењето или имаат потешкотии во однесувањето и во социјализацијата.