Јанакиески спроведен во Идризово, ќе издржува затворска казна од три и пол години

94

Поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, попладнево е спроведен во затворот „Идризово“ каде треба да издржува три и пол години затвор за случајот „Титаник“.

Со оглед дека Јанакиески се наоѓаше во куќен притвор за случајот, од Кривичен појаснуваат дека не бил потребен упатен акт, туку само наредба за спроведување.

-Судија за извршување санкции има издадено наредба за спроведување на правосилно осуденото лице за кое прашувате од куќен притвор на издржување на казна затвор со оглед дека обвинетиот веќе бил во куќен притвор во предметот за кој Апелација веќе донесе правосилна пресуда, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Во однос на најавите од адвокатите на Јанакиески дека ќе бараат мерките притвор што ги издржувал во сите предмети досега да се пресметаат за казната во „Титаник“, од Кривичен велат дека дополнително ќе одлучат.

– Во однос на сите дополнителни барања и други предлози на одбраната одлучува судијата за извршување санкции, доколку се бара прекин одлучува Управата на затворот, а доколку е барање за вонредно преиспитување одлучува Врховниот суд, соопштуваат од Кривичен.

Случајот „Титаник 1“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година. Судењето во февруари 2022 година почна од почеток поради промена на поротник, кога дел од обвинетите, меѓу кои и Миле Јанакиески признаа вина.

Јанакиески е единствениот кој доби затворска казна за случајот „Титаник“, откако во понеделникот Апелација делумно ја уважи неговата жалба и му ја намали казната од четири и пол на три и пол години затвор.

Во одлуката од Апелација, се вели века обвинетиот се осудува на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци, во која му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 14.11.2018 година до 26.02.2019 година, како и времето поминато во куќен притвор сметано од 28.02.2022 година до започнување со издржување на казната затвор.

Одбраната на Јанакиески, најави дека ќе бара спојување на сите притвори и тие да бидат засметани во затворската казна случајот. Јанакиески во притвор е повеќе од четири години.