ЈАКИМОВСКИ: До септември ќе бидат готови приземјето, првиот и вториот кат од општинската зграда

924

До септември годинава ќе бидат готови приземјето и првите два ката од административната зграда на Општина Карпош. Ова го најави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој истакна дека од буџетот на Општина Карпош за годинава, за довршување на општинската зграда, се издвоени 23 милиони денари (400.000 евра), кои, според Јакимовски, не се доволни.

– Од извршениот увид на самото место констатиравме дека овие средства нема да бидат доволни за целосно завршување на зградата. Затоа решивме годинава да ги завршиме приземјето, првиот и вториот кат, додека третиот и четвртиот да останат за 2024 година – истакна Јакимовски.

Тој додаде дека со завршување на приземјето и на првиот и на вториот кат од општинската зграда, ќе може да се собере поголем дел од општинската администрација на едно место.

Јакимовски наведе дека 70 проценти од работите се завршени. Поставено е подно греење на сите катови, освен на приземјето.

Како што кажа Јакимовски, цените се уште се високи, и се плаши дека и овие планирани средства нема да стасаат, но се надева дека со ребалансот на буџетот ќе бидат обезбедени дополнителни.  

Градежните работи на зградата четири години беа во застој, односно ексградоначалникот Стефан Богоев не ја пипна зградата оти тврдеше дека бил утнат проектот и дека објектот нема да може да добие употребна дозвола.

Јакимовски вели дека проектот никогаш не бил утнат, туку се прават измени во текот на градбата.

 (А.П.)