Јака журка: во охридскиот Антички театар, на 18 јули, носталгично со хитовите на Жељко Бебек

64

Првиот пејач на „Бијело дугме“!

Нашиот Охрид и ова лете по сè изгледа ќе биде епицентар на многубројни музички спектакли од секаков вид. Тоа подразбира дека и југоносталгичарите ќе си дојдат на своите „пет минути“. Па, така со голем солистички концерт, пред охриѓани и пред многубројните туристи, на 18 јули ќе настапи славниот ексјугословенски рокер Жељко Бебек.

Поранешниот прв пејач на култното „Бијело дугме“ доаѓа со својата екипа музичари-професионалци, меѓу кои е и неговито син Звоне, а кои имавме можност да ги слушаме минататата зима во Скопје во Македонска филхармонија. Тогаш направија концерт за паметење. Веруваме дека така ќе биде и во Охрид, кога Бебек ќе нè потсети на сите хитови испеани со „Бијело дугме“: „Битанга и принцеза“, „Доживети стоту“, „Селма“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“, „На задњем сједишту мога аута“, „Има нека тајна веза“….

Концертот ќе биде во организација на „Сцена-Продукција“, а оттаму велат дека интересирањето за настапот на Бебек е големо. Сепак, легендата од „Бијело дугме“ не пее секој ден во градот на македонското „море“.   Д.М.