„Ѕвона ѕвонат“ – во спомен на нашата љупка, Љупка Димитровска

198

„Ѕвона ѕвонат“ – победничка хит-песна на „Макфестовскиот“ фестивал

Родена е во Скопје, веднаш по Втората светска војна, а почина во Загреб на 3 октомври 2016 година, по куса и тешка болест.

Беше мажена за хитмејкерот д-р Никица Калоѓера, со кој ја имаше ќерката Ника, а и кој ѝ ги напиша навистина најголемите хитови слушани на целиот простор од Триглав до Гевгелија:  “Јас го сакам, тој мене не“, „Та твоја барка мала“, “Ќе се лути мојата мајка“, “Спомени со гитарата“, “Ете така не е лесно“, “Чао“. Со нежната балада „Адио“ убедливо победи на фестивалот во Атина, и пред тоа на фестивалот во Токио со певливата “Чибу-чи-ба“, пеејќи ја песната на јапонски јазик.

До крајот на својот живот, Димитровска живееше во Загреб, плочите ги снимаше за „Југотон“, пееше и на хрватски јазик, а имаше и многу песни испеано на македонски. За нејзиниот најголем македонски хит се смета песната „Ѕвона ѕвонат“ од авторот Рајко Дујмиќ, а со која маестрално триумфираше во 1990 година на штипскиот „Макфест“

Имаше и огромна популарност во тогашната Источна Германија (ДДР). Таму најчесто настапуваше и снимаше песни со познатиот пејач Ивица Шерфези. Со него во дует ги испеа и слушаните: „Гитара, гитара“, “Во двајца е поубаво се“ и “Малајка“.                   На популарниот Меѓународен музички Фестивал “Куп на пејачите“ (одржан во Швајцарија), ја претставуваше Југославија во 1970 година кога во екипата со Тереза Кесовија и Миро Унгар на тогашната заедничка држава ѝ донесе голема победа.

И ако се пресели да живее во Загреб и таму се омажи, Љупка секогаш и се враќаше на родната Македонија и преку песната и преку интервјуата. Во Скопје и живееја родителите, а и сестрата Сашка со нив до нивната смрт, а  потоа сестрата се пресели кај Љупка во Загреб. Љупка ќе ја памтиме навистина како една исклучителна љупка пејачка, со многу убави хитовски песни и нежни интерпретации, каква што физички беше и самата таа.

Нежна, русокоса, со карактеристична секогаш скоро иста форма на фризурата. Никогаш не ја следа скандалите ниту папарацо- фотографии. Успешната кариера ја направи исклучиво преку песните и својата коректна комуникација со новинарите.      Нека е вечен спомен на пејачката која го одбележа времето на некогашните многу слушани југословенски шлагери.   Д.М.