Поранешниот ракометен репрезентативец на Шпанија и играч на каталонскиот гигант Барселона, Виктор Томас најави дека  по завршување на сезонава ќе ја заврши својата богата кариера. Причината поради која Томас (35) најави крај на кариерата се проблеми со срцето.

-Причината што се обраќам на медиумите е што морам да соопштам лоши вести. Медицинската екипа ми пронајде симптоми на срцеви проблеми, кои би се влошиле доколку продолжам да играм. Поради тоа сум принуден да го најавам моето повлекување од професионалниот ракомет на крајот на сезоната, изјави Томас.

Виктор Томас е еден од најуспешните ракометари во Европа, бидејќи со Барселона има освоени 11 титули во АСОБАЛ лига, три трофеи во Лигата на шампионите, како и десет во Купот на Кралот.

Крилото беше член и на шпанската репрезентација од 2004 до 2017 година, запиша 176 настапи, постигнувајќи 559 голови. Со „фуријата“ се закити со златен медал на Светскиот шампионат во 2013 година, бронзен на Олимписките игри во 2008 година, како и по еден бронзен и сребрен на Европските првенства во 2014 и 2016 година. Во еден дел од кариерата ја депеше соблекувалната со македонските репрезентативци Кире Лазаров и Борко Ристовски.

Барса во негова чест го повлекува дресот со бројот осум.

Малкумина ја имале честа Барса да го повлече и изложи во „Блау Грана“ дресот на некој играч. Досега се повлечени дресовите на Хавиер О’Калахан (#2), Енрик Масип (#5), Ињаки Урдангарин (#7), Џуан Сагалес (#14) и Давид Баруфет (#16).