Ѓурчиновски на заседание на Воениот Комитет на НАТО во Брисел

46

Армијата на Република Македонија даде огромен придонес со учеството во мисијата „Одлучна Поддршка“, кој се огледа не само во нашето учество од самиот почеток, туку и со оствареното зголемување на нашиот персонал во мисиите за 20 проценти.

Ова денеска во седиштето на НАТО во Брисел го истакна началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, на заседанието на Воениот Комитет на НАТО, на сесијата поврзана со учествувото во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, во формат на началници на генералштабови на НАТО и партнерските нации.

Како што соопштија од АРМ, пред учесниците на сесијата, од страна на военото и цивилно раководство на мисијата биле презентирани најновите стратегиски и оперативни информации поврзани со безбедносната ситуација во Авганистан. Преку дискусии, биле дадени насоки и препораки за понатамошно учество и дејствување во мисијата Одлучна Поддршка кои ќе бидат разгледани на состанок во формат на министри за одбрана.

Генералот Ѓурчиновски во текот на денешниот ден остварил средби со началници од армиите членки на НАТО и партнерските нации, меѓу кои и со началниците на ГШ на армиите на земјите членки на НАТО, на кои стана збор за меѓусебната соработка.

За време на посетата на Брисел, Ѓурчиновски, во следните два дена ќе оствари издвоени средби со заменик на претседавачот на Воениот Комитет на НАТО, генерал потполковник Стивен Шепро, како и со претседавачот на Воениот Комитет на Европската Унија, генерал Клаудио Грацијано, на кои средби ќе се разговара за прашања поврзани со тековните процеси на трансформација и нашиот придонес во колективната безбедност изразена преку операциите на НАТО и ЕУ.

Придонесот во мировната мисија за обука, советување и асистенција „Одлучна Поддршка“ во Авганистан, Армијата на Република Македонија го започна од самиот почеток на мисијата во јануари 2015 година и во овој момент учествува со 50 припадници на АРМ кои извршуваат задачи во неколку команди.