Пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици влегоа во последниот круг на селекцијата за наградата за најдобар превод „Драги“.
Според жири комисијата во состав на д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски, петте финалисти се Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, во издание на „Антолог“ 2024 година, Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, во издание на „Бегемот“ 2024 година, Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, во издание на Артконект 2023 година, Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, во издание на „Илика“ 2024 година и Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, во издание на „Паблишер“ 2023 година.
Како што е најавено, соопштување на наградите ќе се случи на 2 октомври во 12.30 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитниците и номинираните. Настанот ќе се случи во рамки на јубилејното десетто издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“ 2024.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и со паричен дел кој изнесува 30.000 денари.
Анастасија Ѓурчинова (1963) e eсеистка и преведувачка, a работи и како професорка по Италијанска книжевност на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
За својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија во 2015 година.
Ѓоко Здравески е роден 1985 во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Досега превел десетина книги од српски/ хрватски/ босански на македонски јазик. Денес работи како лектор по македонски јазик на ИНАЛКО во Париз.
Екатерина Бабамова е родена во Скопје на 24.11.1948 година. Во 1980 и 1981 година, како добитник на Фулбрајтовата стипендија, престојува на Универзитетот Јужен Илиноис во САД каде се стекнува со степенот Магистер од областа на применетата лингвистика. По нострификацијата на магистерската диплома се вработува како асистент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По одбраната на докторската дисертација (1993г.) била избрана за доцент, потоа за вонреден професор и следователно за редовен професор на истата Катедра. Била активна и на полето на преводот: симултан, консекутивен, стручен и книжевен. Во текот на неколкудецениското искуство на полето на книжевниот превод, најтесна соработувала со Греам и Маргарет (Пеги) Рид, со кои изработила и неколку заеднички труда.
Елисавета Поповска е редовен професор по француска и франкофонски книжевности култури на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од француски на македонски јазик статии и дела од областа на хуманистичките науки, како и уметничка литература – препеви на поезија и преводи на романи. Два пати ја добива наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод на годината.
Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Организирала повеќе работилници за креативно пишување. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Активно преведува литературa од англиски јазик.
За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Исто така, ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачот Бенјамин Лангер (Германија) за превод на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик. Сето ова се случува во годинава кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот. Присуството на добитникот е реализирано во соработка со Германската амбасада, а тој ќе биде и професионален учесник на втората фелоушип програма „Објавувајќи ја Европа“ (2nd Publishing Europe Fellowship).