ЃОРЃИЕВСКИ: Ден по ден, метар по метар, за 2 години ја променивме сликата за општина Кисела Вода!

403

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека за две години од неговиот мандат има нови 1.300 паркинг места во општината и над 40 километри асфалтирани улици.

– Ден по ден, метар по метар, работејќи етапно, населба по населба, после две години, успеавме целосно да ја промениме сликата за нашата општина – вели Ѓорѓиевски во отчетот за својата двегодишна работа на чело на општината.

– Кога пред две години застанав на чело на општина Кисела Вода, имав визија за тоа во какво место сакам да живеам и јас, моите блиски и сите мои сограѓани. Улиците низ општината не беа санирани по 30, 40, па и по 50 години што резултираше со видливи оштетувања. Тоа веќе не беше само естетски проблем, многу од нив повеќе не беа безбедни за одвивање на сообраќајот – нагласува тој.

Идеите на граѓаните општината ги преточила во проекти кои ги донеле сериозните промени.

– Со инфраструктурната обнова беа опфатени Пржино, Црниче, населба и село Драчево, Потстаница, 11 Октомври Бараки, 11 Октомври Згради, Пинтија, Усје, Цветан Димов, стара Кисела Вода или досега се асфалтирани улици во должина од над 40 километри и поставени павер елементи во должина од преку 6 километри. Направивме и нови 1300 паркинг места за две години, иако ветив 1000 за целиот мандат – појаснува Ѓорѓиевски.