Втората фаза во чија изградба е корзото, според градоначалникот Александар Наумоски треба да заврши до 31 мај, додека според заменик-началникот на Секторот за урбанизам во Општина Ѓорче Петров, Никола Лазаревски, најатрактивен и најинтересен е типот на осветлувањето. Тоа ќе биде висечко, без класични канделабри, со магични завеси од светлечки прстени. Со тоа, Ѓорче Петров ќе биде идната порта на Скопје
-Обновувањето на корзото во Ѓорче Петров е во финална втора фаза, а се работи со засилен интензитет. Конечно, жителите на оваа општина ќе добијат место кое ќе биде одлично за забава и дружење. На тој начин го враќаме сјајот и духот на Ѓорче- тоа беше констатацијата на градоначалникот Александар Наумоски кој заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска извршија увид во изградбата на корзото, но и на пристапната улица до него, финансирани преку проектот за подобрување на општински услуги – МСИП кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка.
За втората фаза, е обезбеден грант од Светската банка за обнова и развој во вкупна вредност од 21 милион денари, од кои 4 милиони денари се грант за изградба на пристапната улица.
– Бенефитот од овој проект ќе го имаат над 40.000 жители на Ѓорче Петров. Со изградбата на корзото, граѓаните ќе добијат место за дружење, а со изградбата на пристапната улица, ќе добијат пристап до поликлиниката, до Пожарната и полициската станица. Всушност, тоа е и намената на овој проект, подобрување на општинските услуги – изјави Ангеловска.
Таа додаде дека преку овој проект во текот на изминатите 6 месеци во 13 општини е започната или завршена градба на повеќе локални патишта од кои корист ќе имаат преку 60 илјади граѓани.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски посочи дека 80 проценти од она што го ветил е реализирано откако е на чело на Општината.
-Останува уште 1,5 година да се завршат проектите што сме ги започнале. Со 500.000 евра е изградена фекалната канализација на улицата „Радушка“ во Дексион, почна изградбата на затворен базен во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, ќе се гради спортска сала во дворот на подрачното основно училиште „ Димитар Поп Георгиев Беровски“, а над 70 улици се асфалтирани-истакна Наумоски, потенцирајќи дека е задоволен од соработката и помошта од Владата.
Заменик-началникот на Секторот за урбанизам, Никола Лазаревски објасни дека втората фаза се состои од поплочување на сè што се прави како ископ и изработка на урбана опрема во хоризонтала. Третата фаза е изведба на две бутки и реконструкција на постојното детско игралиште, но со нови реквизити прилагодени и за деца со посебни потреби.
-Ова е една романтична приказна која произлезе од програмата на градоначалникот, а главниот акцент е ставен на калдрмата. Една година ја работиме планската документација за корзото – изјави Лазаревски.
Тој истакна дека се засадени над 40 дополнителни дрвја кои повеќето се цветни, бидејќи тенденцијата е да се добие боја.
-Најатрактивен и најинтересен е
типот на осветлувањето, кое ќе биде висечко, без класични канделабри, со магични завеси од светлечки прстени. Со тоа, Ѓорче Петров ќе биде идната порта на Скопје – објасни Лазаревски.
Почетокот на изградбата на корзото беше во јули, минатата година кога започна расчистувањето на теренот, калдрмата и бетонските елементи од тротоарите, за што се потрошени 6 милиони денари од буџетот на Општината.
Градежната локација е со површина од 6.500 квадратни метри. Локацијата партерно се уредува и дефинира на потегот на старото корзо во општина Ѓорче Петров, меѓу општинскиот парк и објектот на супермаркетот „Тинекс“, во насока север-југ и меѓу трговскиот центар „Емпорио“ и новопроектираниот кружен тек (булеварот „Ѓорче Петров“ со булеварот „Македонска војска“) во насока исток-запад, објаснуваат општинските власти.
Јавната површина која е дефинирана со проектот обединува повеќе простори и содржини во себе: плочник, (амфитеатар), пјацета со скалиште, корзо, пјацета во пад и детско игралиште. Покрај корзото ќе се позиционираат две кафетерии, два тобако локали и еден јавен тоалет. Предвиден е и паркинг за велосипеди за вработените и посетителите. Пјацетата во пад се поврзува со корзото и ги насочува посетителите.
Крајниот рок за завршување на втората фаза е 31 мај.
(А.П.)