Поранешниот светски тениски рекет број еден, Шпанецот Хуан Карлос Фереро, истакна дека српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе ја заврши кариерата со повеќе освоени грен слем титули од своите најголеми конкуренти Рафаел Надал и Роже Федерер.

Федерер моментно има 20 трофеи од големите турнири, а Надал еден помалку. Ѓоковиќ со освојувањето на Австралија опен се искачи на бројката од 17 титули, но во исто време најави дека оваа сезона има амбиција да ги освои сите грен слем турнири.

-Мислам дека Надал и Ѓоковиќ имаат можност да го престигнат Федерер. Сепак заради неговите години и подлогата на која се играат грен слем турнирите, мислам дека Новак ќе ја заврши кариерата со повеќе трофеи од големите турнири во однос на своите најголеми конкуренти, изјави Фереро.

Шпанецот во својата кариера има освоено една грен слем титула, Ролан Гарос во 2003 година.

-Верувам дека младите играчи ќе бидат сè подобри и дека ќе бидат во состојба да играат на нивото како „големата тројка“, но Надал Федерер и Ѓоковиќ ќе бидат на врвот уште неколку години, вели Шпанецот.

Запрашан кој од новата генерација би можел прв да стигне до грен слем пехар, Фереро не можеше конкретно да одговори.

-Тешко е да се каже. Минатата година Тим и Циципас ги победуваа играчите од „големата тројка“, така што тие се најблиску. Нивото на игра на Доминик Тим во Мелбурн беше неверојатно, беше неверојатно блиску. Покрај Новак, тој е единствениот кој може да го победи Надал на Ролан Гарос, заврши Фереро.